ФЕРНАНДО ЈЕРО Е ИЗБОРОТ ЗА НАСЛЕДНИК НА ЛОПЕТЕГИ

Сепак човек на Реал ќе ја води Шпанија

Еден од помошниците на Лопетеги и поранешен капитен на Реал Мадрид, ќе ги води Шпанците на СП. Како играч, даде 29 гола за Шпанија, иако беше централен дефанзивец

објавено: 13 јуни 2018 - 14:11

Шокантните случувања околу шпанската фудбалска репрезнетација можеби се при крај, откако Фернандо Јеро и официјално е поставен за нов селектор на „црвената фурија“. Јеро му беше помошник на Хулен Лопетеги, и своето деби како селектор ќе го има задутре против европскиот првак Португалија. 

Лопетеги беше сменет пред неколку часа, бидејќи на само пет минути пред објавувањето на договорот со Реал Мадрид во текот на вчерашниот ден, тој ги информирал челниците на фудбалската федерација (РФЕФ). На Лопетеги не му беше простено што среде подготовки за настап на СП, тој преговарал со „кралскиот клуб“. 

Јеро кој има 50 години, е легенда на Реал, за кој одигра 439 меча, за Шпанија 89, но нема големо тренерско искуство. Тој попладнево ќе го има првото обраќање до медиумите. Исто како и фудбалерите, и Јеро барал Лопетеги да остане селектор, но одлуката на РФЕФ беше смена на шефот. Мислењата на јавноста се поделени, а како тоа ќе се одрази врз игрите и резултатите, останува да се види.

 

Најново во Меѓународен Фудбал