КАКО ЦЕЛИ 20 ГОДИНИ ДА ГЛУМИШ ДЕКА СИ ГОЛЕМ НАПАЃАЧ

НАЈГОЛЕМАТА ИЗМАМА: Фудбалер кој никогаш не ни беше фудбалер

Карлос Хенриџ Кајзер е Бразилецот кој успеа да потпише за многу познати клубови, но никогаш не заигра бидејќи ќе се откриеше дека врска нема од фудбал

објавено: 21 јули 2018 - 15:30

Карлос Хенрих - Кајзер е Бразилецот кој успеа да глуми дека е фудбалер и тоа одличен напаѓач повеќе од 20 години, но никогаш не даде ниту еден гол во неговата таканаречена играчка кариера. Карлос го имаше прекарот Кајзер по физичката сличност со легендарен играч Франц Бекенбауер. Сепак, освен физичката сличност, бразилскиот Кајзер немал ни 1 отсто од талентот на Германецот. 

Иако врска немал од фудбал тој успеа да потпише за многу познати клубови, но никогаш не заигра повеќе од неколку минути. Приказната за Карлос започнува во 80-тите години на минатиот век, кога се спријателил со неколку големи фудбалски бразилски играчи како што се Бебето, Карлос Алберто, Зико, Ренато Гаучо. Сите тие верувале во приказните што ги кажувал Кајзер за тоа колку е добар играч. 

„Неговите приказни беа толку многу добро смислени, што доволно беше само да отвори уста и ќе ве маѓепса. Ако му дозволите нешто да каже, сигурно ќе успее да ве измами“, објаснува легендарниот Бебето, кој со Бразил беше светски првак во 1994 година. 

Благодарение на познатиет фудбалери кои му биле пријатели, Кајзер успевал да се „влече“ покрај нив и големите бразилски клубови го повикувале да биде дел од нивните редови. кајзер бил дел од екипите на Ботафого, Фламенко, Флуминенсе, Палмеираш, Васко де Гама.

Кога ќе дошло време, Карлос да заигра за овие екипи, секогаш глумел дека е повреден. Бидејќи во тоа време немало современа лекарска технологија, неговите приказни дека е повреден секогаш биле уверливи. Официјално Карлос Хенрих - Кајзер бил напаѓач, но во кариерата нема дадено ниту еден гол. 

„Во клубовите најчесто бев да им помогнам на соиграчите да донесат правилни животни одлуки, но и да ја прифатам вината на многу познати играчи. Јас бев како фудбалска дадилка. кога и да сакаа претседателите на клубовите да ме избркаат, сите играчи ќе застанеа на моја страна и не дозволуваа да си заминам“, раскажува најпознатиот преварант во фудбалот. 

Кајзер дури успеал да направи кариера и во Европа, кога потпишал за францускиот второлигаш Ажаксио. На промоцијата, навивачите кои дошле да го поздрават очекувале да видат фудбалска магија од Бразилецот, но наместо тоа, Кајзер само ги шутирал топките директно во публиката, за да ги исчисти сите и да не мора да ги покажува своите „фудбалски способности“. 

Во Ажаксио одиграл и неколку мечеви, најчесто како резерва и нормално не дал ниту еден гол. По европската авантура во Франција, Кајзер се вратил во Бразил, каде и ја завршил 20-годишната кариера и тоа без ниту еден постигнат гол. 

Во чест на Карлос Хенрих - Кајзер веќе е снимен и филм кој треба набрзо да биде постапен за публиката. Еве го трејлерот за  филмот посветен на бразилскиот Кајзер.

 

Најново во Меѓународен Фудбал