ДВА ДЕНА ПО ГОЛЕМОТО СЛАВЕЊЕ СЕ ВРАЌААТ ВО РЕАЛНОСТА

Хрватите стравуваат за Далиќ...

Златко Далиќ е во центарот на вниманието во Хрватска. Човекот кој е еден од најзаслужните за историското второ место на Светското првенство во Русија нема конкретен одговор дали ќе остане селектор. 

објавено: 18 јули 2018 - 09:40

Два дена по големото славје за сребрениот медал на Светското првенство во Русија, Хрватите се враќаат во реалноста и веќе размислуваат за иднината. А тука на прво место е Златко Далиќ, еден од најзаслужните за историскиот успех на оваа генерација на „коцкестите“.

Иако има уште две години договор со тамошната фудбалска федерација, засега нема потврда дали ќе остане на селекторското место и покрај тоа што од ХНС подготвуваат нова богата понуда, како што доликува по еден големиот успех. 

„Ќе видиме“, е краткиот коментар на Далиќ на прашањето дали ќе остане селектор по СП.

Како што пишуваат хрватските медиуми во моментов тој на мета на многу клубови. На неговата адреса стигнале понуди од Кина и Јужна Кореја, а еден клуб му нуди дури пет милиони долари годишно. Доколку стави потпис на овој договор тој ќе стане најплатениот тренер во историјата на хрватскиот фудбал.

Сепак за Далиќ најатрактивните понуди се оние од Западот, отколку враќањето во Азија.

„Би можел да ја водам Барселона, да бидам селектор на Бразил, но ова искуство ќе остане засекогаш број еден“, рече Далиќ на дочекот во Вараждин.

 

Најново во Меѓународен Фудбал