ЛИГА НА НАЦИИ

Холанѓаните го урнаа и светскиот првак

„Лалињата" ја победија Франција и си ја подотворија вратата за пласман на фајнал-форот од Лигата на нациите. За првото место им е потребнo барем реми на гости кај Германија во понеделник

објавено: 16 ноември 2018 - 22:51

Холандија продолжи со блескавите настапи под водство на Роналд Куман. Конечно, популарните „Лалиња" заличија на екипа способна за големи работи, а по оној сензационален триумф над Германија со 3:0, сега ја урнаа и Франција, светскиот шампион со 2:0 на стадионот „Де Кујп" во Ротердам. Не попусто Холанѓаните го одбраа стадионот на Феенорд, затоа што вечерва го забележаа 15 едноподруго триумф на овој терен.
Погодоците вредни три бода ги постигнаа Џеорџино Вајналдум пред крајот на првото полувреме и Мемфис Депај пред крајот на мечот од пенал. Фудбалерот на Ливерпул го искористи отпадокот откако францускиот голман го одбрани шутот на Бабел. А во последните секунди од дуелот Муса Сосоко направи фаул за пенал, а од белата точка прецизен беше Депај.

Со оваа победа Холанѓаните ја испратија Германија во пониска лига, затоа што „Панцерите" имаат само еден бод по три кола. Холандија има шест од три кола, а Франција има седум по четири натпревари во групата 1 од А лигата. Актуелниот светски шампион ќе се моли Холанѓаните да изгубат во Гелзенкирхен за да можат да се пласираат во полуфиналето од А сегментот на Лигата на нациите (Холандија е подобра од Франција во меѓусебниот дуел).

Убедлив триумф запиша Словачка на чело со новиот селектор Павел Хапал. Во Трнава Словаците славеа над Украина со 4:1 што беше нивен прв триумф во групата од Б сегментот на ЛН. Украинците не ги поремети овој пораз затоа што тие уште претходното коло изборија место во следната фаза. Словачка идното коло ќе се бори со Чешка за опстанок во Б лигата и тоа во директен дуел. И двете екипи имаат по три бода.

 

ЛИГА А, ГРУПА 1

ХОЛАНДИЈА - ФРАНЦИЈА 2:0
ТАБЕЛА
1. Франција 7 бода (4 меча); 2. Холандија 6 (3 меча); 3. Германија 1 (3 меча)
ЛИГА Б, ГРУПА 1
СЛОВАЧКА - УКРАИНА 4:1
ТАБЕЛА
1. Украина 9 бода (4 меча); 2. Словачка 3 (3 меча); 3. Чешка 3 (3 меча)
ЛИГА Б, ГРУПА 4
ВЕЛС - ДАНСКА 1:2
ТАБЕЛА
1. Данска 7 бода (3 меча); 2. Велс 6 (4 меча); 3. Ирска 1 (3 меча)

ЛИГА Ц, ГРУПА 3
КИПАР - БУГАРИЈА 1:1
СЛОВЕНИЈА - НОРВЕШКА 1:1
ТАБЕЛА
1. Норвешка 10 бода (5 меча); 2. Бугарија 10 (5 меча); 3. Кипар 5 (5 меча); 4. Словенија 2 (5 меча)
ЛИГА Ц, ГРУПА 4
ГИБРАЛТАР - ЕРМЕНИЈА 2:6
ЛИХТЕНШТАЈН - МАКЕДОНИЈА 0:2
ТАБЕЛА
1. Македонија 12 бода (5 меча); 2. Ерменија 9 (5 меча); 3. Гибралтар 6 (5 меча); 4. Лихтенштајн 3 (5 меча)

 

Најново во Меѓународен Фудбал