СВЕТСКИОТ ПРВАК ЈА ОПРАВДА УЛОГАТА НА ФАВОРИТ

Лига на нации: Прекрасен погодок на Жиру за три бода на Франција (видео)

Холандија изедначи во второто полувреме и се понадева дека ќе откине бод во Париз, но така не мислеше и Оливие Жиру

објавено: 9 септември 2018 - 22:48

Првиот меч на домашен терен по освојувањето на светската круна Франција го играше со Холандија и успеа да победи. Резултатот беше 2:1 и тоа е првата победа во Лигата на нациите. За светскиот првак тоа беше вториот меч од ова натпреварување, а во првиот одигра 0:0 против Германија. „Галските петли" ја оправдаа фаворитската улога и дојдоа до победата иако тоа не беше лесно одработено. Иако имаа иницијатива и шанси, Холанѓаните се покажаа како незгодна екипа.

Килијан Мбапе во 14 минута ги доведе Французите во предност. Тоа беше грешка на холандската одбрана, а Матуиди го пронајде младиот фудбалер на ПСЖ на кого не му беше тешко да ја погоди празната мрежа.
Холанѓаните првпат шутнаа во 66 минута и притоа реализираа. Рајан Бабел доби топка од Тете и го совлада Ареола. Но нивната радост траеше само осум минути. Менди одлично продре по страна и нафрли, а Жиру со волеј пред Ван Дајк ја удри топката доволно за да да заврши во мрежата на гостинскиот голман.
Франција е на чело на табелата во групата 1 со четири бодови од два меча, а Германија е втора со еден бод од еден меч и Холандија е без бодови по еден меч.

Во другите натпревари Украина ја совлада Словачка и се искачи на првото место на табелата во Б лигата со шест бодови, Данска го победи Велс со 2:0. Бугарија славеше против Норвешка 1:0, а Кипар приреди изненадување со триумфот над Словенија со 2:1.
Во гругиот меч од нашата група во Д лигата Лихтенштајн со головите на Салановиќ и Вајсер го победи Гибралтар со 2:0.

ЖИРУ ГО ПОМИНА ЗИДАН
Со погодокот против Холандија Жиру го помина Зидан на вечната листа на стрелци кај Франција. Зизу има 31 гол, а Жиру сега има 32 гола и е на четвртото место. Сега има два помалку од Давид Трезеге на третата позиција.

 

Најново во Меѓународен Фудбал