Прв пораз на Енрике на кормилото на „Ла Фурија“

Фантастичната Англија во едно полувреме ја реши Шпанија

Шпанците за првпат загубија официјален меч од натпреварувачки карактер на домашен терен по 2003 година. Босанците и Финците веќе мислат на плеј-офот.

објавено: 15 октомври 2018 - 22:50

Извонредно прво полувреме и голема победа за „Гордиот Албион“ на гостувањето во Севиља на вечерашниот меч од А-лигата во Лигата на нациите против селекцијата на Шпанија со 3:2. Она што најмалку го очекуваа домашните фанови, видоа фуриозна Англија во првите 45 минути, која успеа тотално да го „размонтира“ домашниот состав и практично во едно полувреме да го реши прашањето за победникот на овој меч. 

Ова беше првиот меч по многу години во кој Англија не само што успеа да победи на гостување во Шпанија, туку конечно и успеа да постигне некој гол. Оваа победа ги враќа Англичаните во игра за првото место во групата откако и се доближија на Шпанија на само два бода. Хрватите остануваат на дното со само еден освоен бод. 

Англичаните тргнаа со голот на Рахим Стерлинг во 16. минута, а само 13 минути подоцна Маркус Рашфорд успеа да зголеми и на 2:0. До крајот на првиот дел Стерлинг погоди и вторпат за 3:0. Шпанците ја поправија играта во второто полувреме, постигнаа гол преку Алкасер во 58. минута и створија безброј шанси, за конечно во 97. минута Рамос да постигне и втор гол, кој не беше доволен да се избегне поразот.

Вечерва во А-лигата славеше и Швајцарија на гостински терен кај Исланд до 2:1. Во рамките, пак, на Б-лигата, Босна и Херцеговина ја оствари и третата победа во групата, овој пат совладувајќи ја С. Ирска со 2:0. Оваа победа за Босанците е гаранција за првото место во групата. Стрелец и на двата гола за БиХ беше Един Џеко. 

Вистинска голеада имаше и во Талин, каде Естонија и Унгарија одиграа 3:3 во рамките на дуелите од Ц-лигата. Покрај овој дуел за одбележување е продолжената победничка низа на Финска, која ја совлада Грција со 2:0 и со четири победи се зацврсти на лидерското место во групата „Ц“.

Во Д-лигата, Белорусија повторно не успеа да ја совлада Молдавија, овој пат на домашен терен играјќи 0:0. Во вториот меч, Луксембург очекувано го „преслуша“ Сан Марино со 3:0.

Најново во Меѓународен Фудбал