ОТКРИЕНИ ДЕТАЛИ

Ете што се случувало во соблекувалната на Аргентина по дебаклот од Хрватска

„Гаучосите“ со 3:0 беа поразени од Хрватска, по што следувал вистински хаос по мечот

објавено: 20 јули 2018 - 13:40

Аргентина не само што не успеа да триумфира на Светското првенство во Русија, туку е едно од најголемите разочарувања. „Гаучосите“ беа елиминирани во осминафиналето од светскиот првак Франција, но најтешкиот пораз им го зададе Хрватска, во групната фаза. 

„Коцкестите“ со 3:0 победија против фаворизираната Аргентина, а по тој дуел следи вистински хаос во соблекувалната на јужноамериканската селекција. Бунтот насочен кон селекторот Хорхе Сампаоли го предводел капитенот Лионел Меси. Најпрво Меси, а потоа и Маскерано потенцирале дека не му веруваат на селекторот Сампаоли и не сакаат тој да ги предводи на дуелот против Нигерија. 

„Не те разбираме, што сакаш да ни кажеш. Ние веќе не ти веруваме. Сакаме да имаме право на глас“, бил коментарот на играчите насочен кон селекторот Сампаоли. 

Стратегот бил зачуден и прашал „Право на глас за што?“. Играчите веднаш возвратиле: „За се околу репрезентацијата“.

Тогаш Сампаоли ги загубил нервите и го прашал Меси: „Ти сакаш да го составуваш тимот?“.

Меси тогаш збеснал: „Колку пати си ме прашал дали сакам да ставам некој играч во тимот? Никогаш не сум ти кажал ниту едно име. Дали некогаш сум ти сугерирал да ставиш некој во тимот?“, одговорил Меси. 

На следниот меч на Аргентина против Нигерија беше забележано како Сампаоли го прашува Меси дали треба да го стави Агуеро во тимот во второто полувреме. Аргентина едвај го доби тој дуел со 2:1, но потоа беше елиминирана од Франција. 

По завршување на Мундијалот, селекторот Сампаоли доби отказ од клупата на Аргентина. 

 

Најново во Меѓународен Фудбал