ШТО СЕ СЛУЧУВА ДЕНЕСКА НА ТРАНСФЕР ПАЗАРОТ?

Челси го блокира трансферот на Батшуи во Монако

Миши Батшуи прифати да го облече дресот на тимот од „кнежевството" меѓутоа се изјалови работата

објавено: 16 јануари 2019 - 16:58

Монако беше многу блиску да го донесе белгискиот напаѓач Миши Батшуи на позајмица меѓутоа зделката ја блокира Челси. Белгиецот настапуваше како позајмен во Валенсија, но шпанскиот клуб му дозволи да ја смени средината, меѓутоа на тоа не се согласи лондонскиот клуб.
„Се договоривме со играчот и со Валенсија, меѓутоа не и со Челси кој не сакаше да го пушти играчот кај нас", изјави првиот човек на Монако Вадим Василјев.
Засега нови имиња во Монако се Налдо, Ванкер и Фабрегас.

ДРУГИ ТРАНСФЕРИ

Фулам во своите редови го донесе искусниот Рајан Бабел кој досега играше за Бешикташ. Тој потпиша договор на шест месеци, со можност да биде продолжен.

Голманот на Удинезе Симоне Скуфет му се приклучи на турскиот суперлигаш Касимпаша на позајмица до крајот на сезоната. Касимпаша која има големи амбиции, дури и напаѓа место во ЛШ има опција да го откупи неговиот договор.

Оле-Гунар Солскјер им го препорачал на луѓето во Манчестер Јунајтед норвешкиот вундеркинд Исак Хансен-Ароен кој моментално игра за Тромсо, а тие тргнале да го реализираат трансферот. Се работи за 14-годишно момче кое засега може да потпише само пред договор, а официјално ќе може да прејде на „Олд Трафорд" кога ќе наполни 16.

Кико Касиља, голманот на Реал Мадрид пристигна во Англија и помина медицински прегледи во Лидс. Шпанецот нема да го чини ништо Лидс, затоа што тој ќе продолжи да добива плата од Реал со оглед дека има договор со мадридскиот клуб до 2020 година.


Шпанскиот прволигаш Уеска објави два трансфери во текот на денешниот ден. Ги донесе напаѓачот Енрик Гајего од второлигашот Естремадура, како и Анхел Ерера кој игра како халф и е во сопственост на Манчестер Сити, а доаѓа од сателит-клубот на „Граѓаните", Њујорк Сити. Гајего има 32 години и е вистинско откритие затоа што во дебитантската сезона во Сегунда реализира 15 гола во 19 натпревари. Сега ќе дебитира и во најсилната шпанска лига.

Францускиот интернационалец Јоан Кабај го раскина договорот со Ал Наср од Саудиска Арабија по само шест месеци откако потпиша со нив. Тој имаше договор на две години, но се договори за раскин и веќе е слободен фудбалер.

Арсенал наводно се договорил со Барселона за трансфер на халфот на шпанскиот шампион Денис Суарес на „Емирејтс". 25-годишниот Суарез не добива шанса за игра на „Ноу Камп" и очекува да премине во англиската екипа под наем.

Вест Хем има намера да го донесе напаѓачот на Селта Виго Макси Гомез. Англичаните пратиле луѓе да го средат трансферот, но проблемот е во 50-те милиони евра кои Шпанците ги бараат за да го ослободат.

Марко Арнаутовиќ, австрискиот напаѓач во Вест Хем побарал од управата да му биде дозволено да направи трансфер во кинескиот Шангај СИПГ. Наводно Кинезите биле спремни да платат 35 милиони евра за него.

Севиља ја одбил шансата да го купи напаѓачот на Атлетико Никола Калиниќ. Атлетико им го понудил Хрватот за 15 милиони евра, но андалузискиот клуб не го сакал. Но затоа Севиља денеска се пофали со новиот напаѓач Мунас Дабур кој пристигна од РБ Салцбург за 15 милиони евра. Се работи за израелски репрезентативец кој ќе ја доигра сезоната во австрискиот клуб, а на лето ќе му се приклучи на шпанскиот клуб.

Најново во Меѓународен Фудбал