ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКАТА ФУДБАЛСКА АСОЦИЈАЦИЈА

Чеферин: Најдобрите во светот ќе играат во УЕФА „Лигата на нациите“!

Мундијалот во Русија ја нагласи силата на европскиот фудбал, рече Александер Чеферин, претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).

објавено: 24 август 2018 - 16:45

„Заслужена титула на Франција, четврти последователен триумф на европските репрезентации на Светските првенства. Хрватска постигна голем успех со пласманот во финалето, така што по трет пат во последните четири финалиња гледаме дуели на европските селекции. Покрај тоа, Европа даде 13 од вкупно 16 полуфиналисти од последните четири Светски првенства. Осум тимови од Европа играа полуфинале на Светско првенство во овој век, додека 13 европски тимови играа четвртфинале. Европа не е само дом на успешни клубови, туку и богат расадник на талентирани играчи, тренери со визија и конкурентни национални селекции", рече Чеферин.

Потоа, говореше и за новото УЕФА натпреварување, „Лигата на нации" во кое ќе настапи и Македонија во последната Лига Д.

Потсетување, во најсилната Лига А ќе гледаме спектакли, мечеви помеѓу најсилните фудбалски репрезентации на светот, а тоа го нагласи и првиот човек на европскиот фудбал.

„Ќе ја видиме Франција против Германија, Англија против Шпанија, како и Шпанија против Хрватска веќе во првата недела. Победниците на четирите групи од Лигата А ќе се борат за трофејот следната сезона на финалниот турнир на Лигата на нациите на УЕФА. Фудбалот е еден конкурентен спорт, па сега на крајот од секоја година ќе имаме шампиони на ниво на национални тимови, како што е тоа случај и на клупско ниво. На средно-рангираните селекции и помалите земји, Лигата на нации на УЕФА ќе им понудат дополнителна можност да се пласираат на ЕУРО. Наместо дуели со тимови од значително различни рангови, тимовите ќе добијат голем број на избалансирани мечеви".

Преку Лигата на Нации, УЕФА ќе им обезбеди значајни мечеви на своите национални федерации, силен натпреварувачки интензитет, единство и можност за напредок, како и фудбалот на најдобрите тимови во светот.

Македонија својот прв настап во Лигата Д ќе го има на 6. септември на гостувањето кај селекцијата на Гибралтар.

Најново во Меѓународен Фудбал