ВЕЈН РУНИ ДОЧЕКАН СО „ПОДЕЛЕНИ МИСЛЕЊА" ВО ЛОНДОН

Еден ден вака ќе биде и за Кејн...

Најдобриот стрелец во историјата на „Гордиот Албион" ќе се врати во дресот на Англија на пријателската средба со САД, која ќе биде и негово дефинитивно простување од националниот тим.

објавено: 14 ноември 2018 - 13:30

Повикот на Руни во селекцијата на Англија предизвика доста „поделени мислења", а некои поранешни репрезентативци порачаа дека честа не треба да му се укажува секому и на таков начин...

Пријателскиот меч Англија-САД планиран за утре вечер во Лондон, се претвори и во проштален на Вејн Руни за „Гордиот Албион", што многумина на Островот и не го поздравија.
Се побунија Питер Шилтон, Алан Ширер, Крис Сатон и други, а Руни смета дека таквата пракса треба да биде продолжена и во иднина.

"Мислам дека секој има право на свое мислење. Најважно е дека во разговорот со фудбалската асоцијација сфативме дека правиме вистинска работа. Играчите со кои разговарав се сложија, тие мислат дека ова е во ред. Такво нешто не е направено во минатото, ова е за прв пат. Се надевам дека за 10, 15 години ќе седиме вака и ќе зборуваме за Хари Кејн кој може да го урне рекордот според бројот на постигнати голови. Не ги терам луѓето да се сложат со мене. Знам дека многу стари играчи, особено оние кои го освоија Светското првенство, не добија третман каков што заслужуваат. Но тоа не е вина на ФА или на луѓето во стручниот штаб на репрезентацијата сега. Мислам дека ФА се движи во една друга насока,каде сака да ги слави играчите кои оставиле трага во тимот на својата земја. Сигурно е дека ќе има поделени мислења, затоа што ова се случува за прв пат. Но се надевам дека во иднина ќе има уште вакви мечеви" – рече фудбалерот на Ди-Си Јунајтед на конференцијата за медиуми пред дуелот на „Вембли" во четврток.

Вејн Руни истакна дека кариерата ќе ја заврши во тимот од Вашингтон, и дека не постои шанса да замине на некоја позајмица и во некој друг клуб.
На средбата со „јенките", славниот Англичанец ќе дојде до својот 120. меч во националниот тим на својата земја.

Пред него ќе остане неприкосновениот Питер Шилтон со 125. одиграни мечеви за „Гордиот Албион".

Најново во Меѓународен Фудбал