ОСТАНУВА ВО ВИЦЕШАМПИОНОТ

Симоновски уште две сезони во МЗТ Скопје

Актуелниот кошаркарски вицешампион, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, продолжи со задржувањето на македонските носители на играта од минатата сезона...

објавено: 13 јули 2018 - 16:01

Како што најавувавме и претходно, денеска беше официјализиран договорот и со Марко Симоновски (29 год, 191 см.), кој се обврза на двегодишна верност.

Доскорешниот македонски репрезентативец и во изминативе две сезони беше дел од клубот, во кој ќе остане најмалку до 2020 година, нормално ако сѐ биде како што треба.

Симоновски минатата сезона настапи на девет меча во АБА-лигата со просек од 8,1 поен и 2,1 скок додека во домашниот шампионат на 22 меча просечно реализираше12 поени и 3,2 скока.

Сѐ уште се паметат негови снајперски вечери во финишот од Суперлигата кога постигна осум тројки против Гостивар, а дури девет против Блокотехна.

Симоновски кариерата ја почна во Вардар по што настапуваше уште и за Работнички, австриска Аркадија, Фени индустри и за Куманово. Искусниот бек е седмиот кошаркар кој во моментов на располагање го има тренерот Ѓорѓи Кочов, по Дамјан Стојановски, Љубомир Младеновски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко, Србинот Андрија Бојиќ и Американецот Лестер Медфорд.

Најново во Кошарка