РОМАНИЈА ДЕФИНИТИВНО ПРОТИВНИК НА МАКЕДОНИЈА

Учителот против ученикот: Заре ќе го тестира Давитков

Очекувано, Романија предводена од Заре Марковски ќе биде еден од двата противници на македонската кошаркарска репрезентацијата во втората фаза од претквалификациите за пласман на ЕП 2021 година. 

објавено: 1 јули 2018 - 19:41

Романија очекувано не успеа да ја совлада Хрватска во битката за место на Светското првенство во Кина. Убедливиот пораз од 90-63 на домашен терен за селекцијата предводена од некогашниот спортски директор на МКФ, Заре Марковски значеше средба со Македонија во втората фаза од претквалификациите за пласман на ЕП 2021 година. 

Ова ќе биде средба меѓу учителот и ученикот, Марковски беше тренер на Работнички кога играше сегашниот селектор на „црвено-жолтите“ Јорданчо Давитков. 

Покрај Романија, Македонија за противник во овој дел од претквалификациите ќе игра против Косово.

Втората фаза стартува во септември, продолжува во ноември, а завршува во јануари. Доколку после тие шест кола, Македонија биде првопласирана во групата, ќе влезе меѓу 32-те најдобри репрезентации во Европа, кои во квалификациите ќе се борат за 24-те места на Евробаскетот кој ќе се одржи во 2021 година.

Најново во Кошарка