Петти убедлив пораз за кошаркарките

Шведска како на тренинг во „Јане Сандански“ (ФОТО)

Избраничките на Марјан Лазовски немоќни во дуелот со расположената Шведска. Последниот меч од квалификациите го играме на гости кај Хрватска.

објавено: 17 ноември 2018 - 22:05

Според очекувањата, женската кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе и петтиот пораз во квалификациите за ЕП. На дуелот со селекцијата на Шведска одигран вечерва во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, избраничките на селекторот Марјан Лазовски беа декласирани од селекцијата на Шведска со 48-118 (6:34, 14:30, 17:24, 11:30)

Скандинавките со оваа победа се израмнуваат со селекцијата на Италија на првите две места на табелата, со два бода преднст пред Хрватска која останува трета. Македонија е убедливо последна на табелата.

Вечерва уште на самиот старт беше јасно како ќе се одвиваат работите на дуелот во Скопје. Гостинките почнаа моќно и направија серија од 12:0 уште на почетокот. Ние првите поени ги уфрливме дури во 4 минута, откако Кметовска погоди за намалување на 12:2. До крајот на првиот период Шведска веќе имаше убедлива предност од 34:6.

Ништо поразлично не беше ниту во вториот период, со таа разлика што овој пат нашите кошаркарки успеаја да уфрлат двојно повеќе. Швеѓанките на пауза заминаа со предност од 64:20.

Третиот период за нас излезе и најпродуктивен. По сугестиите од Лазовски на паузата, нашите кошаркарки ја поправија реализацијата и успеаја да постигнат нови 17 поени, но убедливото водство на гостинките остана до крајот на периодот кој го завршија со 88:37. До крајот на средбата можевме само ревијално да го следиме дуелот кој скандинавките го претворија во нов убедлив триумф за себе.

Единствена светла точка во нашата репрезентација беше Александра Стојановска која средбата ја заврши со 21 поен, додека кај гостинките Елдербринк беше најефикасна со 22 уфрлени коша.

Македонија последниот меч ќе го одигра со селекцијата на Хрватска на гостински терен на 21 овој месец.

 

Најново во Кошарка