ЈАСЕН Е ПРАВИЛНИКОТ НА ФИБА

Септемврискиот „прозорец" е „отворен" од 7 до 16. септември!

Желбата на раководството на МКФ да се обезбедат најдобри услови за подготовки, и истите да траат месец и половина, едноставно е и тешка за реализација.

објавено: 16 јули 2018 - 17:10

Бобан Радуловиќ

План и програма за работа за 35-40 дена треба(ше) да направи селекотот Јорданчо Давитков за она што следува во текот на септември. Вториот круг од претквалификациите за пласман на ЕП 2021 година.

Задача, која е навистина тешко и да се реализира ако се земат в предвид сите околности во кои и треба да се заврши.
Првата пречка е неможноста токму селекторот Давитков да „издржи", поточно да добие дозвола од неговиот клуб Ал Кадсија, да остане во Македонија четириесет и кусур дена.
А и логиката е таа која не е само на неговата, туку и на страна на клубовите кои имаат, даваат репрезентативци.
Не само за нашиот национален тим, туку воопшто за сите кои се дел од овие претквалификации.
Го знаат тоа и во ФИБА кои пак макар индиректно одредија дека септемврискиот „прозорец" би траел од 7. до 16. септември, односно до датумот кога се затвора она второ претквалификациско коло.
Или рок од само десетина дена во кој треба да се реализираат оние планирани септемвриски активности.
Што значи дека голем дел од работите сега е кај клубовите, оние кои ја „хранат" селекцијата на Давитков со играчите кои секако ќе ги избира тој за наредните ативности.

Во овој момент Македонија не може да се пофали дека има голем број на играчи за „извоз", а со самото тоа се нарекуваат интернационалци, а се и на списокот на играчи на кои се смета и во следната претквалификациска рунда.

Војдан Стојановски е пред договор со шпанската Сарагоса, Бојан Трајковски има договор со унгарскиот Пакс, но не и Александар Костоски кого го чекаат преговори со романскиот Питешти. Има најави дека Стојан Ѓуроски би можел да продолжи надвор од Македонија, Адем Мекиќ исто така, но непотврдени. Од активниот ростер има играчи кои се (во моментов барем) и без клупски обврски...
Па се поставува друго прашање, ако се остане на тоа, каде и кога би тренирале за да бидат „во форма" за септември.
Поедноставно кажано, освен гласот на селекторот, МКФ мора да го послуша и зборот на клубовите, кога веќе се влегува во една ваква заплеткана ситуација.
Се поизвесно станува дека МКФ ќе стане зависен токму од клубовите, како на пример МЗТ Скопје и Работнички кои даваат и најмногу репрезентативци во овој момент. И многу пореално е тие да го „потрошат" август на клупските подготовки, па таму некаде на почетокот на септември да му се стават на располагање на селекторот.
Секако доколку во меѓувреме не се случи некоја промена на таа прва тренерска позиција, односно МКФ не ја смени идејата за месечни подготовки кои некогаш беа хит на просторите на СФРЈ и за кои се снимаа филмови кои сега добиваат награди.

Најново во Кошарка