Во контролен меч во „Јане Сандански“

Репрезентативците на Давитков подобри од МЗТ Скопје А.

Бојан Трајковски се појави на мечот практично без тренинг, одигра 5 минути во кои успеа да постигне 11 поени. Репрезентативците имаа одлична реализација за 3 поени во првиот дел.

објавено: 8 септември 2018 - 20:25

Македонската кошаркарска репрезентација го победи МЗТ Скопје А. со 94-82 во контролен меч пред стартот на вториот круг од претквалификациите за европското првенство 2021 година. Избраниците на Јорданчо Давитков одиграа одличен меч, особено во првиот дел кога имаа исклучително висока реализација, особено во шутот за три поени и успеаја да направат предност од 55-34.

Во вториот дел МЗТ Скопје А. успеа добро да им парира на нашите репрезентативци и да се приближи кон пристоен пораз. Важно е да се напомене дека на мечот во „Јане Сандански" без тренинг во дресот на репрезентацијата се појави и Бојан Трајковски, кој одигра 5 минути во кои успеа да постигне дури 11 поени. Кај МЗТ Скопје А. не настапија Симоновски и Иванов кои се жалат на повреди.

Најдобри поентери во нашата селекција беа Ѓуровски со 16 и Младеновски со 15 поени. Капитенот Дамјан Стојановски финишираше со 11 поени. Кај екипата на МЗТ Скопје А., Бојиќ постигна 23 поени, додека Медфорд застана на 19 поени.

 

Најново во Кошарка