Селекцијата „Под 14" години со официјални настапи

Пионерите на пат за Словенија, со „контроли" низ Србија

Пред настапот на „Словениа Бол", нашата најмлада селекција, составена од играчи родени 2004 година, ќе одигра и две пријателски средби во Крагуевац и Белград...

објавено: 21 август 2018 - 12:00

По успехот на кадетскиот национален тим, кошаркарска Македонија следните возбудувања ќе ги има со оној најмладиот – пионерскиот.

Играчите родени 2004 година (и помлади), оваа недела ќе ги продолжат своите активности, кои ќе кулминираат со учество на традиционалниот „Словениа Бол" во Словењ Градец.

Но претходно, 12. млади кошаркари кои ги предводи селекторот Благоја Кечовски, попатно ќе застанат на две места во Србија.

„Прво сме во Крагуевац, каде ќе направиме контрола со екипата на Фока, најдобрата во Србија во оваа возрасна категорија, играчи родени 2004 година. Продолжуваме за Белград каде пак не чека дуел со екипата на Визура"-појаснува Кечовски.

Зад овој тим веќе е реализирано учество на еден силен камп-турнир.

„Ова е втор турнир што го играме со овие деца. Претходно, во јуни игравме во Турција, каде завршивме без пораз. Потоа следуваше кампот во Маврово, на кој учество земаа 30 талентирани деца родени 2004 година. Подготовките ги започнавме на 1. август, се тренираше секојдневно, по два пати на ден. Што сме сработиле, останува да видиме прво на овие проверки во Србија, а потоа и на турнирот во Словењ Градец" - дополнува Кечовски.

На овој традиционален и силен турнир за Македонија ќе настапат:

Теодор Симиќ, Петар Башовски, Виктор Стојковски, Марко Трипуновски (Водно Санс), Лука Димитриевски (Пинк Пантери), Мартин Оровчанец (Вардар), Ненад Благоевски, Бојан Николовски, Ристе Буклишев (ФМП), Лука Џинес (МВП-Струмица), Теодор Гудев (Ролинг-Струмица) и Ненад Јовановиќ (Стела Азура-Италија).

Во стручниот тим, освен селекторот Благоја Кечовски се уште и Никола Данев и Андреј Апостоловски-Лечиќ.
На турнирот во Словенија (23-26.август). кој го почнуваме на 23. август, во онаа прва фаза ќе играме против селекциите на Словенија, Хрватска (двете средби се на 23. август), а наредниот ден и против соодветните репрезентации на Русија и на Унгарија.
Во зависност од пласманот во групната фаза, следуваат уште најмалку два натпревари за време на турнирот.

Бобан Радуловиќ

 

Најново во Кошарка