ДО ТУКА ЛИ СТИГНАВМЕ

Ни повеќе, ни помалку: 35-40 дена подготовки, сигурно е грешка, ќе одиме ли на Олимпијада?

„Куршлус" во таборот на македонската кошаркарска репрезентација. Раководството на МКФ воведува чудна програма за подготовки, која дефинитивно ја има само во овој спорт и секако само во Македонија.

објавено: 14 јули 2018 - 13:30

Марија Ковачева

До таму ли стигнавме, подготовките да траат, ни повеќе, ни помалку туку цели 35 или 40 дена. Вчерашната прес-конференција на која излезе селекторот, Јорданчо Давитков и спортскиот директор, Владимир Темелковски помалку не збуни. Слушајќи ја изјавата на предводникот на „црвено-жолтите" како да не им верувавме на сопствените уши, МКФ сака кошаркарите да се подготвуваат повеќе од еден месец за двата претквалификациските дуели за пласман на ЕП 2021 кои допрва следуваат.

На момент помисливме дека станува збор за една голема шега, но како одминуваа минутите, се уверивме дека „муабетот" е сериозен.

Логично само по себе веднаш се наметнува прашањето: Дали МКФ сака и го најде начинот како да го разреши Давитков? Дали некој во оваа „куќа на кошарката" има други планови за селекторското место?
Друго прашање не може да ми дојде на „памет", бидејќи сигурно не се подготвуваме за Олимпијада, па и да е така, зар потребни се тие 35 до 40 дена.

МКФ не мора да оди многу далеку за пример, за една селекција како треба да работи и да функционира. Тука се ракометарите, единствената репрезентација која веќе долго време учествува на Европските и Светските првенства. Еве најтазе пример беше квалификацискиот двомеч за пласман на Мундијалот 2019 година, Раул Гонзалез ги собра момците една недела пред дуелите со Романија. Ако не држи вода овој податок, тука е Европското првенство кое се одржа во Хрватска, ниту тогаш ракометарите не се подготвуваат 40 дена. 

Ниту во фудбалот не се применува кошаркарската програма. Да не одам далеку, ама Хрватска која се пласираше на финалето на СП во Русија не се подготвуваше 40 дена...

Има ли проблем?

Најверојатно, ДА. Знам дека по овој коментар првиот човек на МКФ, Петар Наумоски (како и секогаш, нас непослушниците) ќе не смести во делот неписмени новинари, но нека му биде...

Секогаш кога кошаркарска Македонија прави нешто добро, барем од неговото доаѓа на фотелјата на МКФ, се случуваат вакви работи. Ќе се вратам на последното ЕП 2015 кога го тргна Александар Џикиќ, па потоа го постави Марјан Србиноски, кој беше жртва на лошата политика на Наумоски. Тука не застана, нашиот претседател го донесе циркузантот Драган Раца, се караа заедно со неговиот помошник Заре Марковски со нас новинарите, на крајот доби ладен туш.

Македонија по подолго време не се пласираше на едно ЕП, а потоа настана хаос.

Никој не сакаше да игра за нацоналниот дрес, паднавме ниско...се вративме онаму каде што бевме пред долги години, но и покрај тоа Давитков одлучи да застане на „кормилото", ги претрпе сите ниски удари по поразот од Косово и смешното издание и најде решение. Почнавме да се вадиме од калта, и таман тргнавме по вистинскиот пат, ете ти КУРШЛУС.

Подготовките од 40 дена не се случајни...Се надевам дека грешам, и веќе понеделнички ќе добиеме соопштение потпишано од Наумоски: Зграешивме, 35-40 дена е долг период за подготовки...

А муабетите од типот „националниот дрес треба да биде чест“, веќе не поминуваат...Треба „куќата да покаже“ сериозност, а потоа останатите!

Најново во Кошарка