И МАЛКУ ДОБРИ ВЕСТИ ЗА НАШИОТ НАЦИОНАЛЕН ТИМ

НЕКОИ ШПАНЦИ НE ПРАВАТ ПРОБЛЕМИ: Ѓуроски малку „подрани“, се приклучи на подготовките

Селекторот Јорданчо Давитков не го дочека доаѓањето, односно враќањето на Марко Симоновски, но затоа пак, покрај „петорката "од МЗТ Скопје, некој ден порано го има на располагање Стојан Ѓуроски.

објавено: 3 септември 2018 - 20:30

Се менуваат, и тоа како на филмска лента, настаните во нашиот национален тим во овие први денови од подготовките за настап на следниот, втор по ред претквалификациски циклус.

Откако го загуби, на неодредено време Марко Симоновски (се пожали на повреда), на утринскиот тренинг го дочека приклучувањето на петмината кошаркари на МЗТ Скопје, оние кои имаа обврска со клубот поради оние две контролни средби со Левски Лукоил (петок и сабота).
Бројката седум се зголеми за Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Љубомир Младеновски, Андреј Магдевски и Андреј Магдевски.

А по малку и неочекувано, на вечерниот тренинг, Јорданчо Давитков го дочека и доаѓањето на Стојан Ѓуроски.
Новиот играч на шпанскиот второлигаш Хуеска, добил некој ден плус од оние кои следуваат според стандардите на ФИБА, и практично без одмор, ги одработи првите минути во добро познатата средина.
Па така, засега, „надвор од акција" се само уште Војдан Стојановски и Бојан Трајковски, кои сеуште немаат конечна дозвола за да дојдат во Скопје и да бидат дел од тренажниот процес за средбите со Косово (13.септември) и Романија три дена подоцна.
На првиот собир, селекторот Давитков нивното доаѓање во Скопје го најави за 8, односно 9.септември.

Најново во Кошарка