ПОРАЗ ОД „ВЕЛЕСИЛАТА“ ЛУКСЕМБУРГ

Јуниорите покажаа како не треба да се игра за репрезентација

На полувреме, Македонија водеше со 10 поени разлика, а потоа противникот се разигра, нашите делуваа збунето и се случи голем пресврт

објавено: 29 јули 2018 - 20:33

Репрезентацијата за кошаркари до 18 години за која раководството на МКФ беше убедено дека е талентирана и може да направи резултат, па и обезбеди играње на Европско првенство Б дивизија на домашен терен, вечерва се посрамоти против Луксембург. Гостите победија со 73:63. После рутинското двоцифрено водство по првото полувреме, неверојатен пад во второто полувреме им се случи на избраниците на селекторот Панче Милевски. Луксембург последната четвртина ја доби со 30-15. Откако бродот почна забрзано да тоне, немаше спас и Луксембуржаните дојдоа до првата победа, нешто што веројатно не го очекуваа, а им се отвора можност да влезат и во разигрување за 9-16 место. Македонија остана со триумфот од 62:60 над Исланд од првото коло.  

Утре е слободен ден, а потоа следуваат два меча кои Македонија најверојатно ќе ги загуби, и сега големи се шансите нашите јуниори да не бидат ниту меѓу најдобрите 16 на второлигашкото првенство во Скопје. 

Најново во Кошарка