ДОБИВМЕ „ВТОРА ШАНСА" КОЈА МОРА ДА СЕ ИСКОРИСТИ

Имаме нерасчистени сметки со Косово

Македонскиот сениорски национален тим има шанса да ја поправи грешката која ја направи во летото 2017 година, кога после киксот дома против Естонија, им дозволи на Косово и Естонците во последното коло да ја исфрлат нашата селекција од првите две позиции и да се најдеме на европското дно.

објавено: 3 јули 2018 - 19:30

Македонскиот сениорски национален тим има шанса да ја поправи грешката која ја направи во летото 2017 година, кога после киксот дома против Естонија, им дозволи на Косово и Естонците во последното коло да ја исфрлат нашата селекција од првите две позиции и да се најдеме на европското дно.

Во тој циклус, Македонија во првото коло гостуваше во Приштина, а истото ќе се случи и сега во септември, во борбата за влез во квалификациите за Евробаскетот 2021. И сега во последното коло, има „дежаву", Косово игра дома, и нема ништо да зависи од нас, ако претходно не си ја завршиме работата. Единствената разлика е што лани во претквалификациите за СП 2019, во група со нас беше Естонија, а сега ќе биде Романија.
Македонскиот стручњак Заре Марковски е актуелен селектор на Романија, тој пред три години беше спортски директор на МКФ добро познава најголем дел од нашите репрезентативци, а пред три децении, во периодот од 1988 до 1991 година, Марковски му беше тренер на Давитков во Работнички, па добро се познаваат.
Најдобри играчи на Романија се еден од најдобрите млади крилни центри во Европа, Емануел Каце, кој беше прв скокач во квалификациите за СП 2019 со просек од 10,2 скока по меч, и натурализираниот Џордан Вотсон кој игра на плејмејкерската позиција.

Во неодамнешните мечеви со Холандија и Хрватска, Марковски ги немаше на располагање плејот Андреј Мандаке и крилниот центар Влад Молдовеану (му беше соиграч на Војдан Стојановски во Бујукчекмеџе), двајца квалитетни играчи кои се многу битни за романската селекција.
Косово без победа ги заврши квалификациите за СП 2019, во последниот „прозорец" играше без натурализирани играчи и тоа им е еден од проблемите.
Соседите му се добро познат ривал на Давитков од претквалификациите за СП 2019.

„Романците лани играа на ЕП бидејќи беа домаќини на групата, имаат добра екипа, но не се тим кој не можеме да го победиме. Мислам дека имаме шанса да се надигруваме со нив. Со Косово имаме нерасчистени сметки. Загубивме од нив на мечот во Приштина, потоа тие имаа еден меч со Естонија на кој одлучуваа дали ние ќе одиме во квалификациите за СП, па верувам дека ќе успееме да ги наплатиме тие стари сметки и нема да има изненадување" - посакува селекторот Јорданчо Давитков.

Најново во Кошарка