Нов проблем во нашиот национален тим

ИГРАЧ ПОМАЛКУ НА ТРЕНИНГ: Лактот го мачи Трајковски

И онака во репрезентацијата нема голем избор на високи играчи, па повредата на Трајковски е сериозен проблем

објавено: 22 јуни 2018 - 14:16

Крилниот центар Бојан Трајковски незгодно паднал на лактот и не тренира со репрезентацијата. Ова е лошата вест од таборот на „црвено-жолтите" кои се подготвуваат за гостувањето кај Швајцарија од претквалификациите за Евробаскетот 2021.

До дуелот со Швајцарија има само уште пет дена и затоа селекторот Јорданчо Давитков ќе мора брзо да реагира, доколку повредата на Бојан е од таква природа што тој нема да може да настапи в четврток во Фрибург.

Сепак, во лекарскиот тим и стручниот штаб на репрезентацијата веруваат дека Трајковски ќе биде во можност да игра, па нема да мора да се наоѓа замена.
Пред стартот на подготовките, на Давитков му откажаа Љубомир Младеновски и Кирил Николовски, па тимот од високите остана само со Трајковски, Бојан Крстевски (и тој имаше болки во грбот, но сега тренира нормално), Александар Штерјов и натурализираниот Шејн Витингтон.

Најново во Кошарка