ДОБРИ ВЕСТИ ЗА СТРУЧНИОТ ТИМ НА МЛАДИНЦИТЕ

Димитријевиќ на тренинг, Огњеновиќ исто така!

Ненад Димитријевиќ и Петар Огњеновиќ ќе го комплетираат ростерот на тимот, би се рекло токму навреме, пред онаа втора фаза во која на ред доаѓаат контролните натпревари пред ЕП од Дивизијата Б (13-22. јули)...

објавено: 22 јуни 2018 - 10:25

Добри вести за стручниот тим на нашата национална селекција „Под 20" години. Од вчера во тренажниот процес се вклучија Ненад Димитријевиќ и Петар Огњеновиќ, кои и претходно беа дел од оваа репрезентација на играчи родени 1998 година (и помлади).

Со тоа практично селекторот Никола Василев сега ги има на располагање сите расположиви сили со кои ќе продолжат со работата се до заминувањето на еврошампионатот во Софија. Инаку, точно две седмици по официјалниот собир, младинците ги одиграа првите пријателски натпревари, против соодветната селекција на Унгарија.

Иако запишаа два порази, евидентно беше, особено на вториот меч, дека играчите полека се „пронаоѓаат" себеси во тимот. А со појавувањето на Димтријевиќ и Огњеновиќ, сега работата ќе биде уште полесна, односно конкуренцијата дополнително засилена.

Веќе на 25. јуни, националната селекција „Под 20" години ќе отпатува за Црна Гора каде ќе одигра два пријателски натпревари на турнир на кој покрај домаќинот учество ќе земе и Русија.
Следуваат три дена одмор, па потоа пријателски двомеч со домаќинот на Европското првенство од дивизија Б до 20 години, Бугарија, планирани да се одиграат на 3. и на 4. јули на гостински терен. Три дена подоцна ќе ни гостува селекцијата на Романија со која младинците ќе одиграат уште два натпревари.
Вкупно осум натпревари ќе бидат одиграни во рамки на подготвителниот период кој води кон Европското првенство (дивизија Б) кое ќе да започне на 13. јули и ќе трае до 22. јули.
На шампионатот во Софија, нашата селекција е сместена во групата „А" заедно со репрезентациите на Белгија, Летонија, Белорусија и Азербејџан.

 

Најново во Кошарка