ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ НА КОСОВО

Бериша: Лани ги победивме Македонците, пак можеме да го направиме тоа!

Македонската сениорска репрезентација се спрема за настапот во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2021.

објавено: 12 септември 2018 - 10:05

Сместени сме во група заедно со Косово (натпревар на гости 13. септември) и со Романија (натпревар во Скопје на 16. септември).

Првопласираниот од оваа група продолжува директно во квалификациите за континенталниот собир, додека останатите две селекции ќе продолжат во третата фаза од претквалификациите.

Исто така и Косово предводен од новиот селектор, Дамир Мулаомеровиќ се подготвува за мечот со Македонија и како што најавија ќе имаат вкупно 12 играчи во составот: Мирза Ахметбашиќ, Ерјон Кастрати, Дардан Бериша, Леонард Мекај, Валон Буњаку, Скот Бамфорт, Рон Укај, Ергин Гроша, Лис Шоши, Фисник Ругова, Албан Весeли и Гзим Морина.

Дардан Бериша, репрезентативецот и капитен на Косово вели дека тренинзите ги започнале на 22. август и во една добра атмосфера го очекуваат натпреварот в четврток.

„Подготвени сме, ја знаеме важноста на мечот и се надеваме дека салата ќе биде полна и очекуваме голема поддршка. Мотивирани сме, ја совладавме Македонија минатата година, мислам дека можеме повторно да триумфираме пред нашите навивачи. Нашиот противник има неколку промени во тимот, а од друга страна ние сме млада репрезентација и дефинитивно сме побрзи и помотивирани. Ќе биде тоа еден силен натпревар со два различни стила на игра, но имам голема доверба во сите и сум многу оптимист за сето тоа што ќе го покажеме на теренот", рече Бериша на прес-конференцијата по повод дуелот со нашата репрезентација.

Лани на 2. август во Приштина на стартот од претквалификацискиот циклус за СП, загубивме од Косово со 72:68. Мулаомеровиќ истакнува дека останаа уште неколку дена од натпреварот со Македонија.

„Работевме напорно во изминатиот период, тренинзи со висок интензитет. Македонија има многу добра репрезентација, разбравме дека го ангажираа Американецот Ричард Хендрикс, но тоа нема да значи промена на нашите планови. Играчите ја поздравија мојата филозија како селектор, сега ми преостанува уште само да ги повикам навивачите да дојдат во што поголем број, бидејќи овој тим го заслужува тоа".

Најново во Кошарка