ЈУНИОРИТЕ ВО 18.45 ЧАСОТ ВО СРЦ „КАЛЕ“ ИГРААТ ВАЖЕН МЕЧ

Ако ги скинеме „лалињата“, патот до плејофот е отворен

Евентуална победа над Холандија, ќе ја стави македонската репрезентација во ситуација по подолго време да се бори за висок пласман во Б дивизија

објавено: 28 јули 2018 - 14:30

После вчерашниот тесен триумф над Исланд, македонскиот национален тим за кошаркари до 18 години се најде во ситуација да му пораснат апетитите и амбициите на Европското првенство Б дивизија, па ниту против опасната Холандија нема да бидеме во улога на тотални аутсајдери. Холанѓаните тргнаа со пораз од 75:80 против Израел и ќе сакаат да се извадат против домашната репрезентација. Избраниците на селекторот Панче Милевски покажаа дека имаат квалитет да се борат со секого што ни гостува во Скопје, а денеска од 18.45 часот во големата сала на СРЦ Кале, на младите кошаркари ќе им треба и поддршка од трибините. 

Доколку Македонија ја победи и Холандија, се отвора патот за освојување на едно од првите две места во групата, кои водат во четвртфиналето. Уште е рано за такви калкулации, но ако нашите освојат 4 бода од првите два меча, а утре играат со аутсајдерот Луксембург, сигурно е дека на слободниот ден в понеделник ќе имаме причини за задоволство, па пресметките со Чешка и Израел ќе бидат решавачки за пласманот во првата фаза. МКФ не случајно ја избра оваа генерација за да биде домаќин на ЕП од Б дивизија, момците ја оправдуваат довербата, и ако продолжат така, Македонија по подолго време ќе има репрезентација во младинските категории која се борела за пласман во А дивизија. 

Најново во Кошарка