ДОБРО ЗНАЕ ШТО Е И КОЈ Е КОЈ ВО СВЕТОТ НА ТЕНИСОТ

Стив Кер не би имал ништо против да го потпише Ноле, и да заигра за Вориорс

„Роџер Федерер ми наликува на Стеф Кари"- вели тренерот на НБА шампионот.

објавено: 8 септември 2018 - 15:15

Стив Кер е голем љубител на тенисот и моментално е во Њујорк каде ги следи настаните од УС Опен. Прилика за новинарите да го „фатат" на неколку минути и да направат кратко интервју на посебно одбрани теми за разговор.

„Спортот ги поврзува луѓето, сакам да ги гледам модерните играчи. Роџер е Роџер, сите сакаат да го гледаат. Мене омилен ми е Ѓоковиќ. Сакам како се движи по теренот. Брз е и агилен, и изгледа како да ги покрива сите страни. Исто така, тешко е да не го сакаш Надал. Неговите спинови се единствени. Изгледа како лајнбекер поради физичката надмоќ. Тие тројца се најдоброто нешто што некогаш ќе го видиме. Тоа се најдобрите тенисери на сите времиња"- изјави Кер за „АТП Ворлд Тур".

На прашањето кој од споменатите тројца би го ангажирал во неговите Вориорс, сјајниот стручњак одговори:

„Би пробал со Новак. Може да чува било кој ,затоа што движењата му се навистина сјајни и верувам дека би успеал да остане покрај било кој. Би бил добар и во контрите, би сакал да го видам на паркетот".

Заедно со остатокот од екипата, Кер имаше можност и да го испрати ланскиот финален Мастерс турнир во Шангај. Тогаше се сретнал и со Федерер.

„Беше неверојатно. Дрејмонд го праша како успева да остане на врвот толку долго. Она што ние се обидуваме да го направиме кај нас во Вориорс. Се обидуваме да продолжиме во ист ритам. Дури и кога е тешко. Роџер работи на тоа цела вечност. Неговиот одговор беше едноставен. Говореше за балансот помеѓу семејството и работата. Дека го сака својот живот, семејството, рутината кога ги води децата на училиште, подготвува вечера... Ме потсети на Стеф Кари затоа што направи тој живот да изгледа едноставно".

Покрај сличностите помеѓу Федерер и Кари, Кер говореше и за оние помеѓу тенисот и кошарката.

„Движењата се слични, затоа и сакав да играм тренис. Веќе не можам поради колената, но го играв долго по завршувањето на кариерата. Секогаш трчаш по топката. Дефанзивниот став во кошарката е ист како и кога го чекаш топчето. Латералното движење е исто, поместување нагоре, надолу, скок при лоб, било што..." - заклучува Кер, пред да му се врати на тенисот и да ги следи полуфиналните дуели во кои Ѓоковиќ го чека Кеи Нишикори,а Надал пак ќе бие битка со Хуан Мартин Дел Потро

Најново во Кошарка