НЕКОГАШ БЕА ВЛАДЕ И ПЕЃА, СЕГА СЕ БЈЕЛИЦА И БОГДАН

Србите повторно се палат на Сакраменто кингс

Кингс во играчкиот кадар сега има двајца Срби, а уште двајца се во раководството на клубот

објавено: 22 јули 2018 - 15:15

Откако се обелодени дека Немања Бјелица од Минесота тимбервулфс се сели во Сакраменто кингс, нашите северни соседи повторно се во кошаркарска треска по „кралевите" од главниот град на Калифорнија. Пред 20-тина години, кога дресот на Кингс го носеа Владе Дивац и Предраг Стојаковиќ, сите Срби навиваа за Сакраменто и не им беше тешко да седат будни цела вечер за да ги гледаат легендарните плејоф мечевите на нивниот омилен НБА тим против ЛА Лејкерс, а и сега натаму се движи работата. Овојпат главните улоги не се Владе и Пеѓа, туку Бјелица и Богдан.

Откако Бјелица потпиша тригодишен договор со Кингс, клубот чиј генерален менаџер е Дивац, а негов помошник Стојаковиќ, веќе нема дилеми дека овој тим повторно е најомилениот кај Србите. Бјелица во НБА дојде во летото 2015 година, но во Минесота ги немаше потребната слобода и минутажа, за да покаже што знае. Богдановиќ како дебитант, се наметна со добри игри во Сакраменто.

Бјелица и Богдановиќ играа заедно и во Фенербахче (во сезоната 2014/2015), а секако тие се колеги и во српската репрезентација, па прилагодувањето ќе оди брзо.

„Одвај чекам повторно да тренирам и да играм со мојот брат Богдан Богдановиќ. Му благодарам на Сакраменто кингс што веруваше во мене и што ми даде прилика да останам во НБА лигата" - напиша Бјелица, кој им се заблагодари и на фановите од Минеаполис, градот во кој му се роди синот.

Најново во Кошарка