НБА - „ТЕРОР“ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС ВО РЕЖИЈА НА ДЕЈВИС

Спарси му се поклонија на Паркер, па беа „дотолчени“ од Кемба! (ВИДЕО)

Легендарниот Тони Паркер во дресот на Шарлот се врати во Сан Антонио, а во една свечена атмосфера Хорнетси ги изненадија Спарси и ја прекинаа серијата од три порази - 108:93.

објавено: 15 јануари 2019 - 08:30

Екипата која е во сопствеништво на Мајкл Џордан е осма на Истокот со учинок 20-23, додека тимот од Тексас седми на Западот со скор 25-20.

Хорнетси во вториот дел од првата четвртина ја презедоа целосната контрола на натпреварот во АТ&Т Арената, а сите дилеми беа решени во финишот на последниот период со серија од 11:2 за 101:89.

Најефикасен беше Кемба Вокер со 33 поени (13/27 од игра, 7/13 за три), додавајќи четири скока и пет асистенции, Џереми Лемб постигна 19 поени, Марвин Вилијамс 11, а Тони Паркер дуелот го заврши со осум поени (4/12 од игра, 0/1 за три), три скока и четири асистенции.

Кога сме веќе кај Паркер, се врати во Сан Антонио, со „мамузите" четири пати беше НБА шампион, минатото лето после 17 години поминати во тексашкиот клуб се пресели во Шарлот, но остана во срцата на Спарси. Пред почетокот на овој меч, емотивно видео беше посветено на 36-годишниот француски кошаркар.

Кај Спарси најдобар беше Ламаркус Олдриџ со 28 поени, 10 скока и четири асистенции, Дерик Вајт додаде 18 поени (седум асистенции) а Демар Дерозан и Пети Милс по 14 коша.

Њу Орлеанс во Лос Анџелес беше подобар од Клиперси (121:117), Лу Вилијамс на 26 секунди пред крајот намали на 117:115, но Ентони Дејвис во финишот ги реализираше сите четири „пенали" за четврта победа на својот тим во последните пет средби.

Токму Дејвис со 46 поени (16/34 од игра, 2/5 за три, 12/12 од слободните фрлања), 16 скока, четири асистенции и три украдени топки, беше прв стрелец во победничките редови, а на спротивната страна доминираа Монтрезл Херис со 26 поени, еден помалку запиша Данило Галинари (6/9 за три) и Тобијас Херис со 21 кош. Њу Орлеанс е 12-ти на Западот со учинок (21-23), а Клиперси шестопласирани (24-19).

НБА резултати: Бруклин-Бостон 109:102, Хјустон-Мемфис 112:94, Сан Антонио-Шарлот 93:108, Јута-Детроит 100:94, Сакраменто-Портланд 115:107, ЛА Клиперс-Њу Орлеанс 117:121.

Најново во Кошарка