ОТКАКО НЕГОВИОТ АЛ АРАБИ НЕ СЕ ПЛАСИРА ВО ПЛЕЈОФОТ

Зивчевиќ ја заврши авантурата во Катар

Поранешниот играч на Работнички и на МЗТ Скопје во моментов преговара со два други катарски прволигаши, а не го исклучува и можното враќање во македонското првенство

објавено: 6 март 2014 - 14:05

Поранешниот младински репрезентативец на Србија, Ненад Зивчевиќ, кој има двојно македонско и српско државјанство, стави крај на настапите во шампионатот на Катар, каде што играше во дресот на Ал Араби.

Популарниот Зивче најавува можност за останување во оваа азиска држава, но не во доскорешниот тим Ал Араби.

Неделава завршува сезоната во Катар, по што си заминувам од оваа земја. Севкупно гледано сум задоволен од она што јас го прикажав, вистинска штета е што не успеавме да се пласираме меѓу најдобрите четири тима. Катар е прекрасна земја и доколку биде постигнат договор би се вратил, но разочаран сум од работата на менаџментот бидејќи дури четири месеци ми траеше процедурата за работна виза, која со поажурен ангажман се средува максимум за десетина дена“, вели некогашниот играч на Работнички, МЗТ Скопје и на Лирија.

Зивчевиќ веќе е во потрага по нов ангажман, а искусниот крилен кошаркар не ја отфрла можност за потпис со некој од македонските прволигаши.

Веќе се разговара со два катарски клубови за ангажман за следната сезона, но тоа се уште е далечно. Приоритет ми е да најдам клуб за завршувањето на оваа сезона, моите агенти веќе разговараат со заинтересирани екипи од странство, но проблем е што предниот рок во поголемиот број од европските земји е веќе затворен. Камбекот во македонската лига исто така е една од опциите, но наскоро се ќе биде познато“, порачува Зивчевиќ, кој следната седмица ќе дојде во Македонија.

Искусното крило во Македонија може да настапува само како странец без разлика на тоа што е роден како Македонец бидејќи има играно за друга репрезентација, а со тоа е недостапен за настап за националната селекција на нашата држава.

Најново во Кошарка