ПРОДОЛЖУВА ДА РАБОТИ ВО УНГАРИЈА

Христовски ќе асистира во Егис Керменд

И повторно ќе му помага на својот долгогодишен соработник и пријател Антонис Констатинидес...

објавено: 12 јули 2018 - 12:00

Бојан Христовски одново ја напушта Македонија. По работењето во Шпанија, па потоа и во Романија, следна станица во неговата тренерска кариера ќе биде Унгарија.

Односно амбициозниот унгарски прволигаш Егис Керменд, лански полуфиналист во плеј-офот на оваа земја.
И уште еднаш во кариерата, Христовски ќе се „спои" со својот голем пријател и соработник, Антонис Констатинидес...

„Со Антонис се познаваме долго време, соработтувавме во изминатиот период, особено оној поминат во Романија. Функциониравме добро и во Таргу Џиу, се надевам дека така ќе биде и сега во Егис Керменд. Негова била идејата јас да му бидам прв помошник, раководството на клубот ја прифати. Па за еден месец сум во Унгарија, на ново работно место, и стара улога"- потврдува Христовски.

Тоа значи дека треба да ги прекине релациите кои ги имаше со скопски Вардар, каде беше координатор на младите категории на „црвено-црните".

"Како што сега стојат работите, освен работата со првиот тим, на предлог на претседателот на клубот, кој ги видел моите тренерски референци, ќе го водам и оној 'под 20' тим на клубот. Им благодарам на луѓето од Вардар за она што ми го понудија и го одработивме заедно во изминатиот период. Но одиме понатаму, кон други предизвици".

Христовски и Констатинидес ќе имаат многу работа, почнувајќи од 20. август за кога е најавен првиот собир.

„Лани, односно во последната сезона, Егис Керменд заврши како петопласиран во регуларниот дел, а играше во полуфиналето на плеј-офот каде биле елиминирани од подоцнежниот шампион Шолнок. Идејата на раководството на клубот, кој има висока финансиска стабилност, и проектиран буџет од 800.000 евра, е да се направи еден нов тим кој ќе исчекори уште погоре во шампионатот на Унгарија. Го стартувавме проектот, веќе се скаутирани голем број на играчи со кои ќе се разговара во наредниот период пред почетокот на подготовките кој е предвиден за нешто повеќе од еден месец"- дополнува нашиот 39. годишен стручњак.

 Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка