МОДЕРНИЗИРАН ИЗГЛЕДОТ НА ПОПУЛАРНИТЕ „ШТРКОВИ“

Заедно со навивачите на светско ниво: МЗТ Скопје има ново лого! (ФОТО)

Шесткратниот македонски шампион од следната сезона ќе настапува со ново лого, кое ги задржува главните елементи на досегашното и кое ќе биде со модернизиран изглед по теркот на најголемите светски спортски брендови.

објавено: 27 август 2018 - 14:00

Новиот симбол на клубот, кој е изработен во соработка со верните навивачи на МЗТ Скопје Аеродром, го задржува духот и симболиката на МЗТ Скопје Аеродром. Овој потег претставува продолжување по патот на темелни промени во клубот, пред сѐ во начинот на работа во однос на минатото.

Приоритет ќе остане желбата за константна битка за трофеите на домашна сцена и достојна презентација на регионална и европска сцена, но идентична енергија ќе се вложи и во работата со талентите во младинската школа, која се надеваат дека во најскоро време ќе прерасне во непресушен извор на домашен потенцијал за првиот тим.

За таа цел е и привлекувањето на што е поголем број квалитетни тренерски професионалци, нивна постојана едукација и креирање на здрава средина во која младите би учеле кошарка, но и би се издигнувале како личности. Сето ова нема да биде само поради желбата за промоција и напредок на МЗТ Скопје Аеродром, туку и на македонската кошарка во целост.

„Со ребрендирањето на логото сакаме да означиме еден нов почеток со нов начин на размислување, кое ќе биде допадливо за сите на кои низ вените им тече сино-бела крв, но и на оние кое само сакаат напредок на макбаскетот, без да се оптоваруваат со клупска припадност", информираат од КК МЗТ Скопје Аеродром.

Најново во Кошарка