КОШАРКАРСКАТА СЦЕНА ДОБИВА ТИМ КОЈ ЌЕ ГИ УРНЕ СТЕРЕОТИПИТЕ

ТФТ: Кошарката не е само спорт, таа е љубов, семејство и забава

По осум години мирување, на почетокот на оваа седмица ТФТ со триумф над Куманово (89:60) дебитираше на второлигашката кошаркарска сцена.
Не е резултатот тој што е двигател на клупската приказна, туку „конекциите на другарување, поврзаност, заедница, креирање на култ, на бренд, филтер за забава... Спортот е секогаш добар мотив за тоа", вели основачот, првиот човек на клубот и тренер, Боро Смилковски.

објавено: 17 октомври 2018 - 17:00

Весна Николовска

Скопскиот клуб ТФТ (скратено од Тафта) по осум години мирување на почетокот на оваа седмица со триумф над Куманово (89:60) дебитираше на второлигашката кошаркарска сцена.

Клубот формиран од ентузијасти и вљубеници во кошарката се реактивира за на македонската спортска сцена да презентира една поинаква приказна. Не е резултатот тој што е двигател, туку другарството, а првата потврда за тоа е „ветеранскиот" состав освежен со неколку млади имиња.

„ТФТ е формиран во 2010 година, но до пред неколку месеци беше во мирување. По неколку години отсуство се вратив во Македонија и наидов на стара дружба, која секогаш ме исполнува и од која црпам енергија во животот. Неколку рандом одиграни баскети ја наметнаа идеја за формирање на екипа, која веќе постоеше како субјект, само ја возобновивме. Идејата не е само од натпреварувачки дух, туку и од конекциите на другарување, поврзаност, заедница, креирање на култ, на бренд, затоа што горе-долу сите сме ветерани и сите сме повеќе или помалку професионално и приватно реализирани и сега недостасува тој момент, тој филтер за забава, а спортот е секогаш добар мотив за тоа", не воведува во приказната основачот, првиот човек на клубот и тренер на екипата, Боро Смилковски и продолжува:

„Моето долгогодишно искуство надвор од Македонија покажува дека кај нас не само професионално организираниот спорт, туку и комплетно активностите за оваа возрасна категорија, во кои луѓето се дружат на еден организиран начин не постои. Квалитетот на нашата лига дозволи таквиот концепт да го споиме со натпреварувачки дух. Анализите покажаа дека возрасните кошаркари кои се во клубот се уште се доволно кадарни и физички подготвени да парираат во нашата лига."

На хартија ТФТ делува како клуб на ветерани (имиња не се наведени по желба на Смилковски), но истовремено тоа се и екс-кошаркари добро познати во нашите кругови.

„Дел од играчите се повеќе од 15 години на македонската кошаркарска сцена и апсолутно се согласувам дека не биле испочитувани своевремено и дека наишле на средина, време и услови каде едноставно не можеле да го пренесат својот потенцијал...
Играчите во моментов се толку животно созреани што многу порационално ги расудуваат работите на теренот и надвор од него. Секој има своја доза очекувања, но тие се тука за да поддржат, но и да бидат правилен пример за помладите.
Нашата цел е да излеземе надвор од стереотипот, да бидеме клуб каде секој добива шанса и каде се почитуваат вредности кои немаат никакви допирни точки со играта. Добра средина сме за младите играчи да бидат во неа, имаат пример и го воочуваат тој пример, сакаат да го следат, а и повозразните кошаркари не се тука по случајност, туку по одредини критериуми и се одлични учители", потенцира Смилковски.

Проектот е претставен како аматерски, но од почеток функционира и делува крајно сериозно. Колку и да е резултатот во втор план, успешниот старт сам по себе наметнува посериозен поглед на клубот.

„Проектот ги надмина почетните очекувања. Првичната помисла поголема група на другари кои бараат начин на квалитетна забава која ќе ја изразат преку спортско натпреварување, самата сериозност наметна многу млади кошаркари да бидат дел од тимот и да сакаат да бидат дел од ТФТ. Се уште сме на ниво на аматеризам, но работиме многу професионално да направиме забава, да ги вратиме луѓето во салите. Никој не доаѓа да го гледа Леброн Џејмс кај нас затоа што го нема. Доколку некој те испочитува и дојде да гледа натпревар треба и ти него да го испочитуваш и да понудиш доволно ниво на забава за да се врати повторно и да ужива во моментите додека е таму.
А, целиот вид на забава се претвора во меч на теренот каде пристапот на секој од прв до последен е нешто што не може да се опише. Сериозноста, пристапот на професионалци, обврската која се чувствува кон самиот себе, кон колективот и кон целата организација да се даде максимум во секој можен аспект. Почитта кон публиката, кон официјалните лица, кон противникот... токму тоа е она што сакаме да го промовираме."

Вредностите кои ги промовира ТФТ делуваат нереално за наши услови, но Смилковски верува дека решителноста, „големата душа" и љубовта кон клубот на луѓето кои се дел од истиот е она што ќе направи да ги разбие стереотипите.

„Самата работа на клубот би сменила многу стереотипи во функционирањето на еден македонски спортски колектив генерално, каде покрај спортски и натпреварувачки дел би биле опфатени и други елементи кои за мене лично се од есенцијален карактер, поддршка на заедницата, градење на култ, да не биде клише - тргање на децата од улица... Преку спортски бренд да се наметне нешто што ќе се почитува и ќе значи. Едукација не само на кошарка, туку на правилни животни вредности, постулат за понатаму во животот без разлика во која било работна или социјална средина ќе се наоѓаат и дали ќе играат кошарка или не", објаснува првиот човек на клубот, кој истовремено потенцира дека ова не е клуб за една сезона, туку финансиската констрикција му дозволува да размислува и за иднината и за младинските категории.

Фит-бекот од сето ова е личната сатисфакција, ништо повеќе.

„Кога станувам наутро имам нешто што ме тера да го протуркам денот. Не е единственото нешто што го имам, но тоа е единственото што ме враќа на вистинскиот пат во моменти кога сум почувствувал дека сум скршнал од патот или сум се изгубил во животот", заклучува Боро Смилковски, кој преку ТФТ сака да ја презентира кошарката не само како спорт, туку како љубов, семејство и забава.

Најново во Кошарка