ИАКО ИМАШЕ ПРЕДЛОГ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА СТРАНЦИ

СЕ Е ИСТО КАКО И ЛАНИ: Засега, останува правилото за шест странци!

МКФ одлучи да остане правилото за двајца домашни на терен, и да не го намали бројот на странци... Веројатно ќе се намали кога ќе се скрати првата лига

објавено: 17 јуни 2018 - 21:10

И покрај предлогот за намалување на бројот на странски кошаркари во прволигашките клубови, до тоа нема да дојде. После широката дебата во која имаше многу различни мислења, на крај сепак раководството на Македонската кошаркарска федерација, барме засега, одлучи да не го менува Регистрацискиот правилник во делот на бројот на странски играчи.

Во известувањето кое Регистрациската комисија го објави на веб-сајтот на МКФ, стои дека во првата лига мажи, може да се регистрираат 16 домашни и неограничен број на странски играчи, со пријава на најмногу 6 странски играчи во составот на еден натпревар, но на терен во игра, да нема помалку од два домашни играчи.
Ова значи дека ништо не се менува во однос на минатата сезона. Иако постоеше расположение за намалување на бројот на странци од 6 на 4 за следната сезона, сепак, во ситуација кога имаме 12 прволигаши, тоа ќе значеше и дека во првата лига ќе треба да има над 100 македонски играчи, и постоеше опасност од намалување на квалитетот. Бројот на странци веројатно ќе се намали во иднина, но тоа ќе се случи кога ќе се намали и бројот на прволигаши.

Најново во Кошарка