ВО ЗАСТАРЕНИОТ ХРАМ ВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ИГРА?

Работнички последен пат славеше титула во „Градски парк“?

МКФ најави заострување на техничките критериуми во салите за следната сезона, Работнички можеби ќе се прости од својот стар дом

објавено: 26 мај 2018 - 17:25

Постои реална шанса во салата „Градски парк“ веќе да не се играат официјални кошаркарски натпревари, но тоа ќе зависи од локалната самоуправа и од тоа дали клубот Работнички ќе реши да се пријави за настап во некое меѓународно натпреварување. Работнички синоќа ја прослави својата 15-та шампионска титула, и тоа е убав начин за евентуално простување од салата која е изградена во далечната 1970 година. 

На местото на сегашната сала, се планира изградба на нова, модерна мултифункционална сала, но дури и ако до почетокот на следната сезона не биде урната сегашната сала, веројатно Работнички ќе треба да бара друг привремен дом. Од Македонската кошаркарска федерација најавија заострување на критериумите во кои сали може да се играат мечеви од највисок ранг на натпреварување, и „Градски парк“ е еден од објектите кои ќе бидат „пол лупа“ и “најризични“. 

Работнички можеби во следната сезона ќе одлучи да игра во втората АБА лига или квалификации за Лигата на шампиони на ФИБА (тоа носи загарантирано играње во групите на ФИБА Европа купот), па нема да може да игра во „Градски парк“, туку ќе мора да игра најверојатно во „Борис Трајковски“. Од раководството на Работнички најавија дека викендов ќе се слави, а веќе од понеделник ќе почнат да ги разгледуваат опциите за следната сезона. 

Тренерот Марин Докузовски го кажа своето лично мислење, а тоа е дека тимот во следната сезона треба да игра или со помладен состав, или да се пријави за европски куп, но само ако се направи суперсилен тим кој би имал што да каже и на европска сцена. 

Најново во Кошарка