КУМАНОВЦИ ЌЕ ПРАВАТ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ

Петровиќ останува прв тренер – Давидовиќ нема да биде прв човек на Куманово?

Куманово во новата сезона ќе настапува во салата на Економското училиште, бидејќи оваа сезона ќе се искористи за реконструкција на спортската сала.

објавено: 11 јули 2018 - 12:30

Ова лето се очекува да биде доста работно во КК Куманово.

Како изгледаат првичните планови, извесно е дека ќе се тргне во комплетна реконструкција на клубот кој во изминатите сезони се проби во врвот на македонската кошарка.
Се очекуваат смени на раководните позиции, а според извори блиски до клубот се најавува дека новата раководна структура на „сино-белите" ќе биде во корелација со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Според неофицијални информации, досегашниот в.д. претседател на клубот Младен Давидовиќ повеќе нема да ја извршува функцијата, а на негово место ќе дојде поранешниот кошаркар Александар Крстевски - Крсто.
Исто така, неизвесно е дали Давидовиќ ќе остане во клубот и како спортски директор или целосно ќе се повлече од клубот.

Александар Петровиќ пак потврдил дека и во наредната натпреварувачка сезона останува на првата тренерска позиција, но и тоа дека во стручен штаб како технички раководител ќе се врати Дарко Петковски, кој минатата сезона беше спортски директор.
Што се однесува до играчкиот кадар постои можност Марјан Јанески, Никола Караколев и Александар Штерјов да ја продолжат соработката со Куманово.
На сите тројца им е понудено продолжување на соработката и за наредната сезона иако постојат информации дека Работнички е заинтересиран за Јаневски и Стајиќ.
Можно е во клубот понатаму да не биде репрезентативецот Адем Мекиќ, кој преферира да продолжи со играњето надвор од Македонија
Како ново лице во тимот се најавува дека тоа ќе биде едно добро познато, Марјан Младеновиќ.
Младеновиќ беше дел од екипата на Блокотехна, претходно и на АВ Охрид, и нема да биде никакво изненадување доколку се врати назад од каде и се промовираше како сосема солиден прволигашки играч.
Освен тоа, во новата сезона ќе го промени и местото на одигрување на првенствените натпревари. Односно дека ќе настапува во салата на Економското училиште, бидејќи наредниот период ќе се искористи за реконструкција на Спортската сала.
За таа цел, во најголемиот спортски објект во Куманово се екипи кои изготвуваат план и програма за реконструкција на истиот, а кој би требало да биде спремен за новата сезона.
Во целата оваа нова ситуација, кумановци во салата на Економското училиште ќе мора единствено да го поправи семафорот кој веќе подолго време не е во функција.
Се на се, нè очекува доста интересно лето во светот на кошарката во Македонија, особено оној кој гравитира кон областа Куманово.

Најново во Кошарка