КОМИСИЈАТА ЗА ИТНОСТ ПРИ МКФ ПРЕСЕЧЕ:

Нема Прва лига за Шкупи и за Водњански лисици

Клубот од Чаир не ја донел потребната потврда за уплата на Котизацијата, па согласно со тоа, со одлука на Комисијата за итност, нема право за настап во најсилната конкуренција. Исто како и Водњански Лисици, може да се пријави во понискиот ранг на натпреварување...

објавено: 5 септември 2018 - 14:45

Првата лига во кошаркарска Македонија во сезоната 2018/2019 година ќе брои десет наместо предвидените дванаесет клубови учесници.

Комисијата за итност при МКФ ги разгледала сите пристигнати пријави за настап во следната натпреварувачка сезона и донела заклучок дека екипите на Шкупи од Скопје и на Водњански лисици од Скопје, не ги исполнуваат критериумите кои пред прволигашите ги постави Управниот одбор на МКФ.
Односно, двата скопски клуба не ја извршиле потребната уплата за котизација за настап во Првата лига во предвидениот (продолжен) рок, и согласно со тоа не остваруваат право за играње во највисокиот ранг.

По непријавувањето на екипата на КК Водњански Лисици и некомплетната документација на КК Шкупи (уплата за котизација), Комисијата донесе одлука да за натпреварувачката сезона 2018/2019 Првата лига мажи брои десет екипи.

Двете последнопласирани екипи од Плејаут лигата ќе се надигруваат по бараж-систем со двете најдобри екипи од Втората лига мажи за опстанок односно влез во Првата лига мажи за сезоната што следува односно 2019/2020. На натпреварите од баражот не е дозволен настап на странски играчи.

Се донесе и одлука за намалување на висината на казната за техничките грешки, но и воведување на казна во форма на суспензија на играч или тренер со одреден број на натпревари.

Екипата од Чаир лани го имаше премиерниот настап во друштвото на најдобрите, и иако беше во постојна битка за опстанокот, на крајот успешно го финишираше првенството.

Но очигледно дека финансиите се проблемот број 1, не само за нив, туку и за довчерашниот второлигаш, Водњански лисици.
Ако за „лисиците" ова е донекаде и очекувано, со оглед на финансиските проблеми со кои се соочуваше новиот прволигаш во текот на летото, изненадува, макар и половично тоа што отпаѓа тимот од Чаир. Особено што чаирчани делуваа максимално амбициозно во изминатиот период, во кој дури се пријавија и за настап во БИБЛ конкуренцијата.
Согласно со тоа новото првенство во Првата лига ќе почне (на 6. октомври) со два клуба помалку од планираното.
Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка