РАБОТНИЧКИ ВОДИ 2-0, ФИНАЛЕТО ДЕЛУВА РЕШЕНО, НО...

Докузовски: Грешка е ако мислиме дека е готово

МЗТ нема да се предаде, мора и в петок да вложиме многу напор, вели тренерот на Работнички

објавено: 23 мај 2018 - 23:36

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, вели дека се среќни, можеби на моменти и еуфорични, но тој бара смиреност од своите пулени и им кажа дека финалето не е завршено. Веќе задутре се игра третиот, можеби и последен дуел од оваа серија.  

„Во последниот напад на МЗТ, целта ни беше да не го фаулираме Дамјан Стојановски, бидејќи знаеме оти тој тешко ќе промаши слободно фрлање. Но, тие направија грешка, претходно ние направивме уште поголема кога на два поени разлика, им ја дадовме топката во раце, но тоа е кошарката, затоа овој спорт е толку интересен. Мислам дека беше интересен натпревар со доста тактички надмудрувања, двете екипи играа со срце. Ние одигравме подобро отколку на првиот меч дома, се виде притисокот на МЗТ, исто како што ние кога игравме дома очигледен беше притисокот. Имавме иницијатива, водевме во поголем дел од средбата, имаше моменти кога можевме да се одлепиме, и МЗТ утна некои отворени шутеви, но ова е финале, притисокот си го прави своето. Го издржавме притисокот, игравме машки и во напад и во одбрана“ - изјави Докузовски. 

Трофејниот стручњак, мисли дека заморот се чувствува кај двете екипи, а како резултат на тоа се утките од отворените шутеви и грешките при додавањата.

„Сите мечеви беа на една-две топки. Ние психолошки сме во предност, водиме со 2-0, но не можете дека в петок МЗТ ќе се предаде. Повторно ќе треба да вложиме многу напори. Згора на тоа, Мираковски ни фали, се почувствува неговото неиграње. И на МЗТ му е тешко што се игра на два дена. Заморот си го правио своето и затоа јас сум противник финале да се игра на секои два дена. Потребно е време за одмор и тактички подготовки. Не е ништо готово, во петок имаме нов меч, треба да се освежиме, и на играчите им кажав да не мислат дека е готово, треба цврсто да останеме на земја“ - предупредува Докузовски.  

Најново во Кошарка