УШТЕ ЕДЕН РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ КАЈ ШАМПИОНОТ

ДОГОВОРЕНО: И Јанески во „Градски парк"

Работнички утре ќе добие уште едно засилување откако се договорени скоро сите работи за трансфер на Марјан Јанески.

објавено: 19 јули 2018 - 16:00

Бобан Стајиќ нема да биде и единственото репрезентативно засилување во овој летен преоден рок за актуелниот шампион на Македонија – Работнички.

Клубот од „Градски парк" има проблеми со трансфери, пред се на странски кошаркари, па многу извесно е дека вниманието е усмерено кон ангажман на квалитетни домашни играчи.
Па откако се договорени сите работи за потпис на Бобан Стајиќ, раководниот тим на „црвено-белите" се усмери кон уште едно репрезентативно име.
Пред реализација на договорот е со повремениот македонски репрезентативец Марјан Јанески.

„Мојата одлука е да продолжам да играм во Работнички. Ги дефиниравме сите детали, останува само потписот на договореното кое ќе го реализираме во текот на утрешниот дел "- потврдува Јанески

Јанески, кој ги прескокна последните два претквалификациски циклуси на националниот тим (не доби повик од селекторот Давитков), во изминатите неколку годони беше незаменлив дел од Куманово. Но лошата финансиска ситуација во која функционира(ше) кумановскиот прволигаш во последно време, едноставно го натера и на оваа опција,.
Се чини дека оваа со бранителот на титулата е и идеална за искусниот гостиварец, кој во меѓувреме има(ше) понуди и од некои други прволигашки екипи, пред се Гостивар, и Кожув од Гевгелија.
Со потпис на договорот со Јанески и со Стајиќ, Работнички практично и би ја оформил екипата со која ќе тргне во одбрана на титулата, барем во оној уводен дел од шампионатот.

Б. Радуловиќ

Најново во Кошарка