КЛУБОТ СЕ ОДЛУЧИ ЗА ПОДМЛАДУВАЊЕ НА ЕКИПАТА

Четири нови имиња во АВ Охрид, верни остануваат Донески, Зафиров..!

Кошаркарскиот клуб АВ Охрид третата сезона во кошаркарската елита ќе ја започне со нов концепт, но со иста цел, да го продолжи прогресот на развивање и да биде помеѓу најдобрите кошаркарски колективи во земјата.

објавено: 15 август 2018 - 14:58

Клубот, се одлучи за подмладување на екипата и форсирање на млади играчи, а годинава целиот фокус ќе биде насочен кон Првата лига. Од староседелците засега нови договори потпишаа капитенот Антонио Донески, Ѓорѓи Зафиров и Петар Бојоски и Војче Лефковски, а во охридското јато се враќа српскиот интернационалец Лука Милојевиќ.

Нови кошаркари во охридскиот состав се некогашниот младински репрезентативец Оливер Двојаковски, кој во Македонија се враќа од Шпанија, младинскиот репрезентативец Габриел Коскоски кој има искуство играјќи во САД, Андреј Атанасов од Карпош Соколи и Американецот Тревис Вичес.

Охридскиот кошаркарски клуб во завршни преговори е со висок кошаркар кој ќе ги пополни позициите под обрачот, а активно се водат разговори и со млади кошаркари.

АВ Охрид минатите сезони внесе еден многу важен новитет, откако секој меч без разлика каде се играше го емитуваше во живо, нешто што беше незамисливо во македонската кошарка.

Најново во Кошарка