НЕКОГАШНИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ „ПРЕСЕЧЕ"

Аврамовски продолжува како тренер, каде ако не во МЗТ Скопје!

„Ќе почнам да работам во оние млади категории и во генерацијата на играчи родени 2001/2002, односно оној јуниорски тим на МЗТ Скопје"- потврдува сега веќе некогашниот играч на „сино-белите" од Аеродром.

објавено: 15 август 2018 - 11:30

Бобан Радуловиќ

Синиша Аврамовски и дефинитивно заврши со својата играчка кариера. Иако размислуваше дека можеби ќе остане на теренот уште една година, сепaк, една понуда промени доста работи во неговите размислувања.

„Добив понуда од МЗТ Скопје, да почнам да работaм како тренер во оние млади категории. Ме натера на размислување, се мислев долго време. На крајот одлучив дека е доста со играње кошарка, и дека треба да му се посветам на еден друг сегмент од кошарката – оној тренерскиот" - признава Аврамовски.

За почеток, како „почетник", ќе работи во јуниорскиот тим на МЗТ Скопје.

„Ќе работам, ќе му помагам на Горан Крстевски, човек кој одлично го познавам, кој бил мој тренер, и клупски и индивидуален, со генерацијата на играчи 2001/2002. Мислам дека тука ми е местото. Имам многу да учам, но исто така и децата ќе имаат што да научат од мене, од нас поточно кажано. Па ќе видиме како сето тоа ќе функционира во иднина" - дополнува некогашниот играч на клубот од „Јане Сандански".

Најново во Кошарка