ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА В. ЛИСИЦИ АМДИ МУСА ВЕЛИ:

Ако челниците на МКФ се грижea за клубовите, а не за своите плати, се ќе беше поинаку!

Доколку оние кои ја водат нашата кошарка, особено тоа се однесува за претседателот Петар Наумоски, своите мисли ги усмерија кон клубовите, а не само како да го подигнат високиот личен доход, убеден сум дека нема да дојде до вакви ситуации во кои клубови мораат да се повлечат од играњето во најквалитетната лига" - обвинува првиот човек на „лисиците".

објавено: 4 септември 2018 - 13:07

Во годината на големиот јубилеј, 25 години од постоењето и функционирањето на клубот, КК Водњански лисици доживеа еден сериозен удар.

Иако на терен се стекнаа со право да играат во најсилната конкуренција кај нас – Првата лига. „лисиците" се приморани, поради немање на финансиски средства, да се повлечат од идејата за настап во елитата. Дури и полошо од тоа.
Да прекинат со сите понатамошни активности.

„Да, постои и таква можност, за жал на сите оние кои знаат кој, што и колку направил во овие изминати 25 години како дел од Водњански лисици"- констатира Амди Муса, првиот човек на овој скопски прволигаш.

Прволигаш само на хартија затоа што практично тоа нема да биде така, од причина што раководството на „лисиците" во овој момент не може да ја плати потребната котизација за учество во најсилното натпреварување.

„Нема да играме во Првата лига. Едноставно не наидовме на подршка кај луѓето од општината Карпош. Се надевавме дека се сериозно заинтересирани да имаат клуб кој најсилното кошаркарско натпреварување. Се надевавме дека и раководните луѓе на федерацијата ќе имаат доволно слух за проблемите со кои се соочуваме не само ние, туку верувам и некои други прволигаши.
Знам една работа дека, доколку оние кои ја водат нашата кошарка, особено тоа се однесува за претседателот Петар Наумоски, и своите мисли ги усмерија кон клубовите, а не само како да го подигнат високиот личен доход, убеден сум дека немаше да дојде до вакви ситуации во кои клубови мораат да се повлечат од играњето во најквалитетната лига"- дополнува Муса.

Засега непотврдено е и учеството на Водњански лисици во Втората лига, каде лани имаше одлични резултати.

„Мислам дека полека ја губиме онаа енергија потребна да се бориме со вакви работи. Искрено, многу поблиску во овој момент сме да ставиме крај на сите овие наши страдања"- вели човекот-синоним за Водњански лисици.

Б. Радуловиќ

 

Најново во Кошарка