„ТЕНКА РАБОТА" ВО ЛИГАТА НА БАЛКАНОТ

БИБЛ БРОИ САМО ШЕСТ ЕКИПИ: Кожув отвора со Приштина

На 16. октомври, во Гевгелија, нашиот единствен претставник ќе го пречека некогашниот првак на БИБЛ...

објавено: 24 септември 2018 - 13:00

Балканската лига ќе го има и своето 11.издание, но се чини дека тоа ќе биде и најслабото според квалитет и квантитет, секако, во изминатата деценија.

И покрај големите напори кои ги направи раководството на БИБЛ, официјални останаа само шест пријави, па извесно е дека лигата на Балканот ќе биде значително осиромашена, и не баш квалитетна во однос на претходните десет изданија.
Македонија, за среќа, ќе има свој претставник, и тоа еден, во гевгелиски Кожув.
Гевгеличани го прифатија и овој концепт, со една скратена лига во која има шест екипи и десет кола од регуларниот дел.

Истиот стартува на 16. октомври, а во тоа прво коло Кожув е домаќин на екс-шампионот на ова натпреварување З Мобиле (екс Сигал) Приштина.
Конкуренција ќе им прават уште две екипи од Бугарија (Берое и Академик Бултекс 99), уште една од Косово (Башкими) и една од Албанија, Теута, која е дебитант во регионалното натпреварување.
Согласно со системот, по десетте одиграни кола, првопласираните четири екипи ќе обезбедат место во плеј-офот.
А победниците во двата натпревари (дома-гости), ќе се квалификуваат за големото финале кое ќе се игра во април, 2019 година, според системот „подобар во три натпревари".
Поради обрски-играње во ФИБА Еврокупот, распоредот на натпреварите на екипата на З Мобиле Приштина ќе биде дополнително потврден.
Во првото коло, освен дуелот Кожув - З Мобиле Приштина, на 16. октомври, во Драч, ќе играат Теута против Академик Бултекс 99, а ден подоцна, Башкими е домаќин на уште еден поранешен првак на БИБЛ- Берое од Стара Загора.

 

Најново во Кошарка