Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов е задоволен од играта на неговиот тим, пред се во одбраната, која според него и го решила победникот на дуелот со Динамик (84:74).
„Без разлика што имавме само еден и пол ден за да се подготвиме за дуелот со Динамик, тоа што го договоривме, пред сѐ за играта во одбрана, го испочитувавме. А згора и целиот наш дефанзивен систем вечерва заличи на нешто.
Можевме да примиме и помалку од 70 поени да не беа некои грешки во финишот, што воопшто не е мала работа. Ова беше исклучително значајна победа за нас. Најдовме сили по неодамнешното вечно дерби на домашна сцена и издржавме, а тоа е најважно во овој момент."- искоментира тренерот на МЗТ Скопје.
Владимир Ѓокиќ, тренерот на Динамик, им честиташе на кошаркарите на МЗТ Скопје на заслужената победа.
„Во подготовката за овој натпревар апострофирав дека Иванов е еден од најквалитетните кошаркари и луѓе воопшто во лигата, и дека мора да го запреме. Но за жал, не успеавме во тоа. Човекот е тим сам по себе, играше за сите, секако заедно со останатите кошаркари на противникот. Пробавме со агресивна игра и младоста да надополниме нешто. Но искуството и квалитетот се покажаа пресудни, и навистина заслужено загубивме"- призна некогашниот играч на скопски Балкан Стил, а сега прв тренер на Динамик.