СОРАБОТКАТА Е НА ГОДИШНО НИВО

МЗТ оди кон повисоки резултати со помош на „Џевахир Холдинг"

Македонскиот вицешампион и претставник во АБА2-лигата, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, во новата сезона ќе влезе сериозно засилена и тоа со сериозен „играч" чија главна карактеристика е – височината.

објавено: 4 септември 2018 - 13:13

Од денеска и официјално, нов „член“ на МЗТ Скопје аеродром е „Џевахир Холдинг".

Станува збор за турска компанија, која стои зад висококатниците во општина Аеродром и со која македонскиот вицешампион потпиша едногодишен договор за соработка, со можност истиот да биде продолжен и на подолг период.

На денешната промоција на спонзорството присуствуваа Златко Марин, градоначалникот на општина Аеродром, која е целосен сопственик на акционерското друштво МЗТ Скопје Аеродром, Есер Џевахир, сопственикот на „Џевахир Холдинг" и извршниот директор на клубот, Тони Грнчаров.

Првиот човек на „Џевахир Холдинг", изрази задоволство од постигнатиот договор, со надеж дека тој ќе биде потстрек за остварување уште подобри резултати во иднина.

„За нас претставува задоволство што ќе соработуваме со клуб како МЗТ Скопје Аеродром. Се надевам дека оваа соработка ќе биде на подолг рок. Очекуваме клубот да има успеси не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Меѓутоа, свесни сме дека во спортот има голема конкуренција"- изјави Џевахир.

Директорот на „металците“, Тони Грнчаров, пак, потенцира дека ова спонзорство ќе биде од голема помош за МЗТ Скопје.

„Нам како клуб многу ни значи поддршката која ја добивме од 'Џевахир Холдинг'. Секому му се потребни стабилни средства во спортот. Договорот е потпишан на една година, но се надевам дека оваа соработка ќе трае подолго. Засега играчкиот ростер е затворен, а дали во скора иднина ќе треба да се засилуваме зависи од одлуката на тренерот Ѓорѓи Кочов"- изјави Грнчаров на промоцијата.

 

Најново во Кошарка