ТРЕНЕРОТ НА ВАРДАР РАЗОЧАРАН ПО ЕЛИМИНАЦИЈАТА ОД ПЈУНИК

Васоски: Ова е тежок удар за нас

„При резултат 0:0 имавме неколку шанси кои не ги реализиравме, а потоа голот на Пјуник нè скрши“, анализираше веднаш по мечот стратегот на „црвено-црните“

објавено: 19 јули 2018 - 21:44

Деби за заборав како прв тренер на Вардар имаше Александар Васоски. Популарниот Тетовче пред неколку дена беше назначен за прв статег, а огненото деби и тоа на европска сцена против Пјуник помина поразително. Вардар со 2:0 загуби од ерменскиот тим и е елиминиран уште на стартот од квалификациите во Лигата на Европа.

„Разочарани сме. При 0:0 имавме неколку шанси за гол но не ги реализиравме. Нивното водство од 0:1 едноставно нè скрши и беше многу тешко да се вратиме. Оваа елиминација треба да нè отрезни. Свесни сме дека треба многу да се работи во иднина. Пјуник заслужено оди понатаму и му честитаме“, рече Васоски на прес конференцијата.

Стратегот додаде дека ги слушнале негодувањата од навивачите и скандирањата кои беа упатени до трибините по завршување на средбата.

„Ги слушаме сите тие пораки кои доаѓаат од трибините, незадоволството на навивачите. Ова е тежок удар за нас, се разбира во однос на лани кога настапивме во групната фаза од Лигата на Европа. Треба да направиме анализи ќе видиме дали сме способни да се бориме за шампионската титула сезонава во првенството“, вели разочараниот Васоски.

Најново во Фудбал