НОВИОТ ТРЕНЕР НА ВАРДАР ВО МИСИЈА ДА МОРА ДА СЕ ПОБЕДИ

Васоски: Нема да се залетаме, пред се треба да смениме нешто во главите

„Свесни сме дека 1:0 е незгоден резултат, но мислам дека Вардар може да ја анулира оваа негатива“, вели новиот стратег на „црвено-црните“.

објавено: 18 јули 2018 - 17:17

Најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе мора да победи во утрешниот дуел против Пјуник, ако сака да оди понатаму во квалификациите од Лигата на Европа. „Црвено-црните“ имаат негатива од еден гол (1:0) по мечот одигран во Ереван. 

По средбата во Ерменија, челниците на Вардар решија да направат промени во стручниот штаб и го избркаа Бобан Бабунски, а на негово место е поставен досегашниот помошник Александар Васоски. 

„Имаме еден незгоден резултат по првиот меч. Свесни сме дека 1:0 е незгоден резултат, но мислам дека Вардар може да ја анулира оваа негатива. Ќе смениме нешто во главата пред се. Нема да се залетуваме, мораме да гонајдеме тој баланс помеѓу одбраната и нападот“, вели Васоски, кој не сакаше да коментира за смената на неговиот претходник бобан Бабунски кој го предводеше тимот на средбата во Ереван.

Дефанзивецот Евгени Новак побара помош и од публиката, бидејќи за секој фудбалер е лошо да игра како на театарска атмосфера. 

„Деновиве ја анализиравме средбата во Ереван. Имаме идеја како да го одиграме реваншот, но мораме таа идеја да ја оствариме на теренот. Само со желба и концентрација на теренот можеме да дојдеме до таа цел. потребна ни е и поддршка од навивачите, не се игра фудбал во театарска атмосфера. Ги повикувам сите наши навивачи да дојдат на стадион“, вели Новак. 

Вардар минатата сезона играше во групната фаза од Лигата на Европа, но сега тешко дека тој успех ќе биде повторен. 

„Лани игравме во групите, но од таа екипа сега недостасуваат многу играчи. Ова е мое прво тренерско искуство, но го познавам клубот и екипата, знам што се бара тука и знам дека има огромен притисок, но јас сум подготвен за да се носам со тој предизвик“, заврши новиот тренер на Вардар, Васоски. 

Мечот меѓу Вардар и Пјуник се игра утре од 19 часот на „Филип Втори Арената“. 

Најново во Фудбал