КОНЕЧНО „ЦРВЕНО - ЦРНИТЕ“ СЕ АКТИВИРААТ НА ТРАНСФЕР-ПАЗАРОT

Вардар бара спас во Фелипе!?

Се враќа ли „кариоката" во Скопје? Дознаваме дека челниците на Вардар не само што преговараат со Хуан Фелипе, туку му доставиле и понуда

објавено: 22 јануари 2019 - 20:17

Можно ли е Хуан Фелипе по десет месеци повторно да го облече „црвено - црниот" дрес на Вардар? Да, можно е, така барем велат нашите информации. Иако ситуацијата во клубот не е најсјајна, сепак има опција „кариоката" да се врати во Скопје.

Имено челниците на Вардар не само што преговараат со него, не само што посакуваат тој да го засили тимот, туку му доставиле и понуда, сосема солидна сума за едногодишен договор. Проблемот е во тоа што Фелипе сака договорот да биде на шест месеци.

Познато е дека Фелипе во март минатата година, од Вардар направи трансфер во Каират, но таму интернационалецот од Бразил воопшто не се прослави, напротив, имаше катастрофална епизода во тимот од Казахстан. Токму затоа и клубот го раскина договорот со него.

Имаше најави дека за него се интересираат клубови од Турција, С. Арабија, па и од Македонија, но досега Фелипе не доби конкретна понуда. Прва е оваа од Вардар, и тоа конкретна. Така да ништо чудно ако и ја прифати. Дали со овој можен трансфер Вардар покажува живост, покажува дека сепак има намера поактивно да се вклучи на трансфер - пазарот.

Секако дека со Фелипе тимот на стратегот Васоски ќе може да ја оствари целта, а таа е да се најде што поблиску до врвот на прволигашката табела.
Овој можен трансфер значи и тоа дека Вардар до 31 јануари има намера да ги плати тие 1.200.000 евра на УЕФА и да игра на лето во Европа.

Најново во Фудбал