ЈАСМИН МЕЦИНОВИЌ, ЕКС ФУДБАЛЕРОТ НА ТИМОТ ОД ТИРАСПОЛ

Шкендија може да ги мине „шерифите“

Според мене шансите се 50:50 %. Шериф е убедливо најголемиот клуб во Молдавија, за нив ќе биде голем неуспех ако не ја минат оваа пречка. За Шкендија најбитно е дома да не прими гол" вели стоперот кој во 2011/2012 беше дел од тимот од Тираспол...

објавено: 22 јули 2018 - 09:58

На 24 јули во Скопје и на 31 јули во Тираспол, меѓу себе силите ќе ги одмерат шампионите на Македонија и Молдавија. Екипите на Шкендија и Шериф Тираспол. Тоа ќе биде двомеч од 2. квалификациско коло во Лигата на Шампионите.

Во однос на тоа што може да се очекува од овој натпревар, свој коментар има Јасмин Мециновиќ, стоперот кој во својата богата кариера бил член токму на Шериф и тоа во сезоната 2011/2012 кога тогаш направи голем трансфер од Скопје во Молдавија.

ГОЛЕМ РУСКИ КАПИТАЛ, БУЏЕТ ОД 5.000.000 - 6.000.000 ЕВРА

„Уф, има многу да се говори за Шериф. Постои само 21 година е верувале или не дури 16 пати бил првак на својата земја. Играчите во тој клуб се шегуваат дека ги добиваат премиите за титула уште пред да почне првенството. Се фалат дека имаат буџет и до 10.000.000 евра, но јас сметам дека тој е од 5.000.000 до 6.000.000 евра“.

ШАНСИТЕ СЕ ПОДЕДНАКВИ

Според Мециновиќ шансите за минување натаму се подеднакви...

„Па, да. Шериф има добра екипа, посилна од лани. Имаат нов тренер во името на Горан Саблиќ, кој очигледно е дека си ја знае својата работа. Според мене шансите се 50:50%, јас Шкендија не би ја отпишал, напротив. Нашиот првак има свој квалитет, само треба да се пренесе на теренот во тие 180 минути на двата натпревари. Според бројките од Трансфермаркт, екипата на Шериф чини повеќе од 11.000.000 евра, што е речиси двојно повеќе од онаа на Шкендија. Но, тоа се само бројки".

ИГРААТ СЛИЧЕН ФУДБАЛ КАКО И ШКЕНДИЈА

Имаат квалитет и играат во формација 4-2-3-1...

„Играат брз и дотеран технички фудбал. Формацијата им е најчесто 4-2-3-1. И таа ретко се менува, без разлика дали играат дома или на гости. Форсираат ритам во текот на сите 90 минути, не паѓаат без разлика каков е резултатот“.

ПОБЕДА БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ

Шкендија првиот меч го игра дома, на Националната Арена „Филип Втори". И тоа според Мециновиќ би можело да биде предност за македонскиот првак.

„Шериф е гостинска екипа, игра подобро на гости отколку дома. Токму затоа важно е Шкендија да победи дома во вторник макар и со еден гол, но никако да не прими гол во својата мрежа. Значи нека биде 1:0, тој резултат на Шкендија и дава големи шанси. Кога се игра во Тираспол, на стадионот „Шериф" нема притисок“.

Најново во Фудбал