ДЕФАНЗИВЕЦОТ НА ШЕРИФ, ВЈАЧЕСЛАВ ПОСМАК

Шкендија дома е силна, не се плашам од Бесарт Ибраими!

Одбранбениот играч на молдавискиот клуб ги сподели очекувањата во пресрет на двомечот со македонскиот шампион во 2. квалификациско коло на ЛШ.

објавено: 20 јули 2018 - 16:23

Да потсетиме, првиот натпревар ќе се игра во вторник (24. јули) на „Филип Втори" Арената во Скопје со почеток од 20.15 часот.

Посмак во минатата сезона беше дел од тимот на Дачија која беше елиминирана токму од Шкендија во ЛЕ, но не играше против тетовските „црвено-црни".

„Не играв против Шкендија, непосредно пред мечевите потпишав за Шериф. Но, знам дека Македонците играат силно на домашен терен. Веднаш после ждрепката, се заинтересирав за оваа екипа. Имаат многу искусни играчи, на пример слушнав за нивниот напаѓач Ферхан Хасани кој исто така игра за македонската репрезентација", рече Посмак.

Да потсетиме, Хасани не е повеќе фудбалер на Шкендија, од претходно се најавува дека е можно кариерата да ја продолжи надвор од Македонија.

Во првите 90. минути помеѓу Шкендија и ТНС (Велс) Бесарт Ибраими постигна четири голови. Запрашан Посмак дали таквиот податок го загрижува него како дефанзивец?

„Да се запишете четири пати во листата на стрелците е навистина импресивно. Но, нашиот тим има многу добри дефанзивци. Нашата цел е да играме сигурно во одбраната", додаде фудбалерот на ФК Шериф.

Реваншот од 2. квалификациско коло на ЛШ во Тираспол од 19:00 часот меѓу Шериф и Шкендија ќе се игра на 31. јули (вторник).

Најново во Фудбал