ЛИХТЕНШТАЈН - МАКЕДОНИЈА

Во Вадуц секогаш сме биле како дома

И вечерва се очекуваат околу 500 наши навивачи на трибините на стадионот „Рајн Парк". Само од ФФМ имаа откупено и поделено околу 100 влезници

објавено: 16 ноември 2018 - 09:50

Од Вадуц

Игор Д. Ивановски

Македонците од Швајцарија, Италија, Германија и Австрија се подготвуваат вечерва да се насочат кон Лихтенштајн и тука во Вадуц да ја бодрат националната селекција. Вреди да се даде поддршка на Горан Пандев и останатите момци кои се на спиокот од селекторот Игор Ангеловски. Македонија се наоѓа во трета квалификациска мисија во Вадуц, каде имаме и една пријателска победа.

Според очекувањата околу 500 наши навивачи се очекува да пристигнат и да се сместат на трибините на „Рајн Парк", стадионот во Вадуц. Стадион кој е со капацитет од 4.000 гледачи или неколку „стотки" помал од вкупниот број на жители во главниот град на кнежевството.

Само од ФФМ се откупени околу 100 билети и истите се веќе распределени. Тука во Вадуц секогаш сме биле побројни од домашната публика. Така се очекува да биде и вечерва. На Македонија и треба поддршка од трибините затоа што вечерва мора да победиме. Ни требаат 6 бода од последните две средби за да бидеме и домаќини во ½ финалниот дуел од Лигата на Нации.

Кога сме кај самиот меч вреди да се напомене. Интерес тука во Вадуц речиси и нема. Локалното население повеќе е заинтересирано за „журката со тикви", отколку за фудбалскиот меч. Денеска и утре низ Вадуц може да се видат и џиновски тикму од по 50 килограми и сите зборат за тој настан и таа манифестација која ќе се одржи во центарот на градот отколку за фудбалскиот меч со Македонија кој почнува од 20:45 часот.

Тикви или фудбал!? Фудбалската федерација во немоќ. Тргна и со акција еден билет за две деца со 15 години. Тешко дека ќе успеат фудбалерите да бидат пред гурманите на тиквата. Затоа ние треба да си ја завршиме мисијата. Да играме добро на теренот, да се радуваат нашинците на трибините. Да ги победиме па после и тиквите да им ги нападнеме.

Најново во Фудбал