НА СТАРТОТ ОД КВАЛИФИКАЦИСКИОТ ТУРНИР ЗА ЕП ВО ЧЕШКА

У19: Македонија извлече важен бод против Хрватска (ВИДЕО)

Во првиот натпревар од квалификациите за пласман во елитната рунда за ЕП, денеска македонската фудбалска репрезентација за играчи до 19 години ремизираше 1:1 (1:0) против селекцијата на Хрватска.

објавено: 14 ноември 2018 - 16:05

Хрватските надежи поведоа уште во третата минута, но голот на Марин беше поништен поради офсајд позиција. „Коцкестите" кои ја имаа фаворитската улога во првите 10. минути од играта имаа поголема контрола на топката, но сите налети беа навремено спречувани од страна на нашите фудбалери.

Веднаш во првата сериозна шанса на нашата селекција во полуконтра, Бериша убаво го пронајде Чурлинов кој од непосредна близина стрелаше за водство и секако голема радост во 11. минута од средбата.

Ривалите веднаш продолжија со своите напади сега во намерата да израмнат, во меѓувреме Чурлинов одново во центарот на вниманието во 15. минута чиј удар заврши над противничкиот гол. Во 22. минута нова опасна акција на Хрватите, Батурина шутираше, но внимателен беше Јакимовски. Почнаа да бидат и нервозни противниците, Хануљак доби жолт картон поради прекршок врз Антовски.

Уште една шанса имаа хрватските фудбалери во 30. минута преку Чолина, но повторно добро интервенираше нашиот репрезентативен чувар на мрежата. Немаше возбудувања се до 44. минута, непосредно пред паузата од контра Османоски скоро сам во казнетиот простор, но не успеа да го совлада Котарски кој излезе како победник. Можеа лесно да казнат противниците, но ударот на Булат беше запрен.

Во 52. минута повторно се закани Чурлинов, но Котарски одново блокира удар, по што беше пропуштена добра шанса. Во 55. минута следуваше израмнување, корнер беше изведен од страна на Булат, а најснаодлив беше Шутало. Во 68. минута Колевски се најде во прилика да донесе нова позитива, но безуспешно.

Во 73. минута Хрватска имаше уште една добра шанса, сам, но за наша среќа Шего шутираше високо над голот. Дојдовме и ние до нова можност за погодок, но Фазлагиќ овојпат беше непрецизен. Во 88. минута одново се доближивме во казнетиот шеснаесетник, Ивановски ја обиде својата среќа, но никако да дојдевме и до втор гол, па на крајот во една рамноправна битка двете репрезентации ги поделија бодовите.

(У19) Квалификациски турнир за ЕП, Кромериц (Чешка)

1. коло
Македонија-Хрватска 1:1 (Чурлинов 11'/Шутало 55')

Македонија: Јакимовски, Ивановски, Антовски (Димов 71'), Симоновски, Наумчески, Османоски (Ферари 90+4'), Чурлинов, Колевски (Ѓоргиевски 84'), Бериша (Али 71'), Наумоски (Мухарем 90+4'), Фазлагиќ.

Според најавите, следниот меч нашата селекција ќе го има на 17. ноември против домаќинот Чешка, а завршува со „аутсајдерот" Луксембург на 20. ноември. Во Елитната фаза квалификации за Европско првенство обезбедуваат двете најдобри репрезентации од секоја група.

Најново во Фудбал